Home » Глигоров меѓу демократ и диктатор

Глигоров меѓу демократ и диктатор

by Журнал

По сѐ изгледа, слаткоречивиот Глигоров повеќе уживаше во употребата на силата за решавање на внатрешните проблеми, отколку со дијалог. На прашањето на покојниот Трајковски како да постапува за решавање на кризата во 2001 година, Глигоров недвосмислено го советува: „Ова е класична окупација и работата треба да ѝ се препушти на Армијата…

Пишува: Мухамед ХАЛИЛИ

Многу добро се сеќавам на деталите на таа „хаотична седница“ на Собранието во 1993 година (како што ја нарекува и ден-денес првиот министер за надворешни работи Денко Малески) при расправата за влезот на државата во ООН со референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, кога тој по вторпат даде оставка од функцијата министер за надворешни работи, без да напише дека оставката била неотповиклива, како што самиот се изјаснува.

И покрај таа намерна грешка (првата не му беше прифатена!), министерот пишува дека утредента, од неговата професорска канцеларија од УКИМ ги следел „хаотичните“ настани и без врска дискусиите на пратениците, кои еден ден пред тоа, фрлаа дрва и камења по него поради неговата „сентиментална поврзаност со заедничкиот живот во Југославија и неговата психичка неподготвеност Македонија да ја види надвор од таа федерација“.

Иста сентиментална поврзаност со Југославија чувствуваше и неговиот учител Глигоров, но тој беше во право, повеќе децении бил висок југословенски функционер (дури и претседател на Собрание) и многу внимателно ги спроведуваше, по битпазарските настани, пораките на британскиот државен секретар Даглас Херд – Македонија да ја држи што поблиску до СР Југославија.

Неговиот ученик Малески, кој многу години го советуваше Глигоров, а и некои други, меѓу кои кратко време и Пендаровски (со кого ретко се среќавал!), како и многу други аналитичари и негови соработници, долго време ја ширеа лажната вест дека Глигоров бил демократ и стратег под чија диригентска палка Македонија стана „оаза на мирот“.

Сосема се заборавија крвавите настани на Бит-пазар, Гостивар, Тетовскиот универзитет, Радолиште, со вкупно 10 убиени млади луѓе, наши сограѓани Албанци и една Македонка, без нивна вина, туку со вина на институциите на државата, како што беа високата корупција на власта (Бит-пазар), потоа психичката неподготвеност на Глигоров да изгради општество на рамноправни граѓани со право на школување на нивниот мајчин јазик и почитување на нивните национални симболи (Мала Речица, Гостивар) итн.

„ОАЗА НА МИРОТ“ НА ГЛИГОРОВ

По сѐ изгледа, слаткоречивиот Глигоров повеќе уживаше во употребата на силата за решавање на внатрешните проблеми, отколку со дијалог.

На прашањето на покојниот Трајковски како да постапува за решавање на кризата во 2001 година, Глигоров недвосмислено го советува: „Ова е класична окупација и работата треба да ѝ се препушти на Армијата…“ („Македонија е сѐ што имаме“, стр. 589) наспроти сугестиите на „нашиот традиционален пријател Русија“, како што пишува Глигоров (стр. 507) „која уште на почетокот на кризата излезе со барање да не се оди во воена конфронтација за да не дојде до граѓанска војна, бидејќи тоа може да го загрози мирот во целиот регион“.

Препораката била да се бараат политички патишта, меѓусебен дијалог, разбирање и слично. (стр. 599).

За Охридскиот договор, Глигоров пишува дека „тоа не е договор со правна тежина, туку договор на четири потписници – лидери на највлијателните политички партии на Република Македонија – од кои само лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има државна функција – претседател на Владата на РМ. Според тоа, партиските договори не ја обврзуваат државата“ (стр. 602).

Но, сепак, Глигоров за неговиот ученик Малески бил човек на кого „политиката му била во коските“ и човек кој знаел да балансира меѓу разјарените Македонци и Албанците. Еве, како:

„Кога по првите демократски локални избори се соочил со разјарените Македонци од Тетово и од Гостивар, кои ги изгубија изборите и мораа да отстапат од своите функции, се реши да ги поништи изборите и да воведе некаква привремена принудна управа до смирувањето на страстите“.

„Демократот“, кој е ненадлежен да поништува избори и да воведе некаква привремена принуда, во политичката терминологија се вика диктатор. Глигоров, несомнено, беше диктатор!

Потврда на мојата констатација се и следните реченици на Малески:

„Пред портите на ОН, Глигоров одигра на сигурно – подобро врабец во рака, отколку гулаб на гранка, го заобиколи парламентот и ја внесе државата во светската организација на држави“.

Токму тоа заобиколување на парламентот (каде што се изразува волјата на народот) придонесе политичката борба за признавање на Република Македонија да трае триесетина години.

ИСТОРИСКАТА ЗАДАЧА НА ПЕНДАРОВСКИ

За разлика од Глигоров, кој го исполни својот мандат со зачленување на Република Македонија во ООН со референцата ФИРОМ, нашиот претседател во заминување Стево Пендаровски, според Малески, требаше да го исполни својот претседателски мандат со решавање на македонско- бугарскиот спор околу идентитетските прашања, како задача наметната од историјата. Но, тоа не го исполни тој!

Имено, претседателот Пендаровски, на телевизија кажал „дека Гоце Делчев бил со бугарска национална самосвест“. И потоа застанал.

Малески смета дека Пендаровски „апсолвирајќи еден прост историски факт од пред 120 години, кога меѓу македонските Словени од Отоманското царство владеела пан-бугарската идеја, требаше да го стави акцентот на улогата на Делчев како татко на модерната македонска нација“.

И тој не успеа во тоа, иако бугарскиот претседател Петар Стојанов бил убеден дека со таа изјава на Пендаровски веќе бил решен македонско-бугарскиот спор! Фактите ја говорат вистината.

Професорот Малески, кој го советувал Глигоров, требаше нешто да научи од него за македонско-бугарските односи.

Во своите мемоари („Македонија е сѐ што имаме“), Глигоров, меѓу другото, пишува: „…сакам да додадам дека не треба да се негуваат илузии дека со потпишувањето на една Декларација, со тоа што го направи или договори владата на Љубчо Георгиевски со бугарската влада, каде што се вели дека тие го признаваат македонскиот јазик како официјален јазик, дека со тоа, ова прашање е симнато од дневен ред.

Остануваат и натаму старите толкувања дека нашиот јазик му е наметнат на македонскиот народ, од Тито, од Коминтерната, а дека „народецот“ си зборува бугарски, со разни дијалекти. Така, во македонско-бугарските односи, тоа прашање останува отворено…“ (стр. 441).

На крај, веќе е познато, тоа и другите слични прашања Ковачевски и Пендаровски ги оставиле да се решаваат во рамките на институциите на ЕУ со прифаќање на францускиот предлог, кој стана европска агенда. И тој процес ќе потрае.

За животот и делото на Гоце Делчев, на Пендаровски не му е потребен еден мандат плус.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More