Главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими, ќе се сретнат денеска во Брисел. „Домаќин на состанокот ќе биде специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак. Оваа рунда ќе продолжи да се разговара за прашањата поврзани со спроведувањето на претходните договори и следните чекори за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Петковиќ и Бислими последен пат во Брисел дојдоа на дијалог на 16 ноември минатата година, но тогаш имаа само одвоени средби со Мирослав Лајчак, а не се сретнаа. Истото беше и во септември 2021 година, кога беше постигнат договор за деескалација на северот на Косово, со посредство на Мирослав Лајчак со страните кои беа во иста зграда во исто време, без директно да се сретнат. Преку средбата на преговарачите, ЕУ се обидува да најде заеднички јазик за организирање самит на највисоко политичко ниво – српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.