Home » Германија прави рекордни долгови

Германија прави рекордни долгови

by Lina Muslija

Раскопани улици, срушени мостови, протекување на покриви во училишта и универзитети, доцнење или недоаѓање на возови, недостаток на брз интернет – ова е секојдневието во Германија. Но, тоа треба наскоро да се промени.

„Сакаме багерите брзо да почнат да работат“, рече социјалдемократскиот министер за финансии Ларс Клингбајл додека ги презентираше своите буџетски планови во Берлин.

Во вторник (24 јуни), владиниот кабинет го усвои нацрт-буџетот за 2025 година, индикативните вредности за 2026 година и грубата финансиска проекција до 2029 година. Исто така, беше усвоен закон со кој ќе се воспостави посебен фонд за инфраструктура и клима, финансиран преку задолжување.

Пресврт во финансиската политика

Инвестициите во инфраструктурата во иднина ќе играат клучна улога. Само за оваа година, во буџетот се предвидени 115 милијарди евра. „Во нашата земја многу нешта се уништени и запоставени, а заостанувањата во инвестиции се огромни“, рече Клингбајл, кој е и вицеканцелар и претседател на германските социјалдемократи.

Санацијата на инфраструктурата треба да помогне и во  зајакнувањето на економијата  која покажува знаци на слабост. Покрај тоа, планирани се значително зголемени средства за одбрана.

Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл (СПД), кој со себе носи папки со својот нацрт-буџет на пат кон кабинетот
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл (СПД) со својот нацрт-буџет на пат кон кабинетотФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Финансискиот план на новата влада означува пресврт во германската фискална политика. Во ноември 2024 година, претходната влада падна поради конфликт околу финансирањето на буџетот. Нови избори беа одржани во февруари 2025 година, а сега се на власт  Демохристијаните  и  Социјалдемократите.  Проблемот со празните државни каси ќе се реши со задолжување во невидени размери.

Дури и пред да ја преземат власта, коалициските партнери, со согласност на Зелените, одобрија огромен финансиски пакет  за наредните години – 500 милијарди евра за инвестиции во запоставената инфраструктура. Практично  нема ограничување на задолжувањето  за  вооружување на Бундесверот и  зголемување на одбранбениот капацитет на Германија.

Другите земји се многу позадолжени

Конкретно, плановите на Клингбајл 49 дена по преземањето на власта, покажуваат што значи ова. За оваа година се планирани расходи од 503 милијарди евра, од кои околу 143 милијарди ќе бидат финансирани преку кредити. Во следните години,  задолженоста ќе се зголеми,  а вкупно би требало да изнесува 847 милијарди евра.

Ова се рекордни вредности без преседан, но вицеканцеларот енергично ги бранеше ваквите планови. Германија има долг од 63 проценти од својот БДП, што е значително под другите земји, чиј долг понекогаш е повисок од 100 проценти.

Критика за „ должничката кочница”

Ништо не е поскапо од стагнацијата во последните години, истакнува Клингбајл. „За разлика од некои од моите претходници, за мене не е посебна вредносна цел да чувам пари и да не ги трошам, ако видам дека ништо не напредува во земјата“, го критикува тој инсистирањето на претходните министри за финансии на фискална рамнотежа.

Таа рамнотежа е вкоренета во Уставот и всушност предвидува дека државата може да троши само толку пари колку што собира. За да се ослободат инвестициската програма и зголемените средства за одбрана од таканаречената „должничка кочница“, беше потребно да се промени Уставот.

Десет проценти од буџетот за камати

Земјите-членки на НАТО се согласија дека на среден рок ќе инвестираат пет проценти од својот БДП во одбрана, од кои 3,5 проценти во класични воени трошоци. Клингбајл сака да ја постигне таа цел што е можно поскоро.

Според неговиот план, германскиот буџет за одбрана постепено ќе се зголеми повеќе од двојно до 2029 година – на 152,8 милијарди евра. Тоа би биле 3,5 проценти. Клингбајл вели дека Германија мора да биде „подготвена во сферата на одвраќање и одбрана“

Опачината на задолжувањето е растот на трошоците за камати

Министерството за финансии проценува дека товарот од камати во 2029 година ќе изнесува речиси 62 милијарди евра. Тоа е двојно повеќе од проектираното за 2025 година. Според финансискиот план на владата, десет проценти од буџетот треба да се издвојат за камати до 2029 година.

Каде може да се заштеди?

Само трошоците за камати се доволна причина да се размислува за мерки за штедење во редовниот буџет во наредните години. Консолидацијата, според Клингбајл, е  цврст дел од неговиот план. Покрај тоа, специјалниот фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот, кој беше издвоен во 2022 година по рускиот напад врз Украина, ќе биде потрошен до 2027 година.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и украинскиот претседател Володимир Зеленски се ракуваат, од страните покрај нив се гледа знаме на  Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и украинскиот претседател Володимир Зеленски: Украина продолжува да добива помош од ГерманијаФотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

Уделот на издвоените средства за одбрана во редовниот буџет потоа значително ќе се зголеми, оставајќи малку простор за други расходи. Левицата, која е во опозиција во Бундестагот, упатува остри критики на оваа тема. Според нивниот коментар, на граѓаните на градовите и општините не им се потребни „тенкови, туку функционални градинки, автобуси и прифатлива енергетска транзиција“.

Помалку пари за социјална заштита и заштита на климата?

Критики доаѓаат и од социјалните здруженија. Хуманитарната организација на Протестантската црква, Диаконие, смета дека „инвестициите во социјална инфраструктура и социјална сигурност“ се премногу скромни. Внатрешната и надворешната безбедност вклучуваат и „борба против сиромаштијата, поддршка за децата и младите, грижа за старите и болните, вклучување на лицата со попреченост, интеграција на бегалците, како и социјално праведна заштита на климата“, истакнува евангелистичката хуманитарна организација.

Бездомници во кварт во главниот град Берлин, човек наведнат покрај мал шатор, велосипед, колички и пластични вреќи и картонски кутии на тротоар покрај бетонски ѕид
Сиромаштија во Германија: бездомници во кварт во главниот град БерлинФотографија: Schöning/IMAGO

Зелените,  кои се во опозиција во  Бундестагот, особено се противат на фактот дека намалувањето на цените на енергијата ќе се финансира и од стоте милијарди евра наменети за климатски мерки. Зелените сметаат дека заштитата на климата во буџетот е сведена на маргинална ставка.

Се очекуваат жестоки дебати

Нацрт-буџетот за 2025 година сега оди во Бундестагот, каде што прво ќе се дискутира во комисиите и на пленарната седница пред летната пауза, а веројатно ќе биде изменет во некои ставки. Се очекува да биде усвоен во септември. Парламентот во  Германија има врховна власт над буџетот.

Во меѓувреме, министерот за финансии Ларс Клингбајл работи на нацрт-буџет за 2026 година, кој планира да го презентира пред кабинетот на 30 јули. Од септември, тој буџет ќе биде предмет на дискусија и во Бундестагот, а ќе биде усвоен до крајот на ноември.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk