Босна и Херцеговина на стадионот „Билино Поле“ во Зеница вечерва од 20:45 часот ја пречекува Германија во Лигата на нациите. По тој повод, германскиот „РТЛ“ ја сними внатрешноста на стадионот, со посебен акцент на соблекувалните. Според тоа какви емотикони објавија за снимката од внатрешноста на „Билино Поле“, германските новинари беа зачудени и загрижени за условите во кои нивниот тим ќе престојува.
По само неколку кадри, јасно беше дека соблекувалните на стадионот во Зеница и опремата се далеку од удобноста и луксузот на кои се навикнати Германците. На пример, греалките беа валкани, клупите застарени, подот нерамен, а креветот за масажа целосно искинат.
На прес-конференцијата, едно од првите прашања поставени на германскиот селектор Џулијан Нагелсман и голманот Александар Нубел беше за состојбата на стадионот, особено за соблекувалните.
„Тревникот е добар и тоа ми е важно. Што се однесува до соблекувалните и тушевите, не се грижам, бидејќи таму и онака нема да се туширам. Ова е шармантен стадион. Играме на вакви стадиони и за нас тоа не е ништо посебно. Секако, играме и на помодерни стадиони, а не сум сигурен на што мислеше Демировиќ. Веројатно на тоа дека навивачите се гласни”, рече селекторот.
Нагелсман вака ја коментираше забелешката на Ермедин Демировиќ, кој им рече на своите соиграчи од Штутгарт дека на стадионот во Зеница ги чека нешто што сè уште не го доживеале.
Нубел, на шега, му одговори на селекторот дека тој ќе се тушира на стадионот и додаде:
„Поубаво е од училишните игралишта. Игравме во помала училишна сала во Штутгарт една година додека се обновуваше стадионот.”