Нула. Сѐ ќе запре. Морам да се грижам само за мојот народ. Ние самите имаме многу проблеми, изјавил Георгеску на прашањето дали како претседател би ја укинал помошта за Украина
Романија целосно ќе ја запре воената помош за соседна Украина, ветува Калин Георгеску, независниот претседателски кандидат што на огромно и општо изненадување настапува како фаворит во вториот круг од претседателските избори в недела.
Георгеску беше маргинален кандидат спроти првиот круг од изборите, но освои најмногу гласови од 13-те кандидати, иако зад себе немаше партија и кампањата ја водеше исклучиво на платформата Тикток. Наспроти обвинувањата дека не ги пријавил како трошок парите вложени во Тикток за да му биде проширен на кругот следбеници на неколку милиони лица, не беше покрената постапка и му беше дозволено да се натпреварува во вториот круг.
Уставниот суд одлучи повторно да се пребројат милиони гласачки ливчиња, но подоцна ги потврди резултатите од првиот круг и дозволи вториот круг да се одржи во планираниот термин.
Тоа значи дека Романците утре ќе можат да се определат за еден од двајцата кандидати – за прорускиот Калин Георгеску, кој во првиот круг освои 2,12 милиони гласови, или за проевропската Елена Ласкони, која во првиот круг освои 1,77 милион гласови, само 2.740 повеќе од третопласираниот Марчел Чолаку.
Актуелниот претседател Клаус Јоанис во средата објави и документи од разузнавачки агенции, во кои се тврди дека „масовната и високо организирана“ кампањата на Георгеску на Тикток била координирана од странска држава. Документите содржат и разузнавачки заклучок дека „Русија спроведува хибридни напади врз Романија, која ја смета за непријателска земја“. Европската Унија, пак, во одвоен случај, побара од Тикток да ги „замрзне“ податоците поврзани со изборите во Романија, во истрага за можно нелегално влијание врз демократските процеси.
Романското обвинителство вчера најави отворање кривична истрага, но таа ќе биде спроведена дури по вториот круг, на кои може да победи Георгеску.
Прорускиот кандидат ги отфрла сите обвинувања дека е „човек на Москва“.
– Тие се плашат. Тие не можат да прифатат дека Романците конечно рекоа „сакаме да ни се врати нашиот живот, нашата земја, нашето достоинство“ – изјави Георгеску.
Во предизборно интервју за Би-би-си, независниот кандидат ги пофали популистичките лидери Доналд Трамп и Виктор Орбан, но истакна дека не му се допаѓа рускиот претседател Владимир Путин, иако го смета за „патриот“ и „лидер“.
На прашањето, пак, дали ако победи на изборите Романија ќе продолжи да ѝ дава помош и поддршка на Унгарија во војната со Русија, Георгеску бил категоричен дека тоа ќе се промени.
– Нула. Сѐ ќе запре. Морам да се грижам само за мојот народ. Ние самите имаме многу проблеми – изјавил Георгеску.
Претседателот на Романија има нешто поголема моќ од церемонијална. Тој е главен командант на воените сили, го назначува премиерот и има улога во надворешната политика. Романија е членка на НАТО и е еден од најцврстите поддржувачи на Украина откако почна руската воена инвазија. На нејзина територија се распоредени голема база на НАТО и делови од противвоздушниот систем „патриот“, Букурешт му дава финансиска помош на Киев, а Романија е клучна за извозот на украински жита.