Home » Гаши за измена на Уставот: Прашањето треба да биде решено што побргу, но не на сметка на рушење на идентитетот на Македонците

Гаши за измена на Уставот: Прашањето треба да биде решено што побргу, но не на сметка на рушење на идентитетот на Македонците

by Журнал.мк

На прашањето дали има договор за промена на Уставот, новиот спикер на Собранието Африм Гаши одговори дека тоа е сензитивно прашање, особено за Македонците.

Како што рече во интервјуто за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Македонците биле понегативно настроени кон т.н француски предлог, а ВМРО-ДПМНЕ добила голем број гласови на изборите токму поради резервираноста по ова прашање.

-Сепак, сега сме во друга фаза – сакаме сите да одиме напред. Најголем број граѓани и политички партии, освен една, сите сме за интеграција на земјата во ЕУ, и тоа побргу, барем така се изјаснуваат декларативно. Треба да разговараме за тоа што ВМРО го стави во програмата. Ќе има и нови моменти по изборите во Бугарија и изборите во Европскиот парламент. Треба во мозаикот да се имаат сите елементи зашто цело е кога има сè, за да може ова горливо прашање да го решиме, истакна Гаши.

Нагласи дека стои на ставот прашањето да биде решено што побргу, но нагласи „не на сметка на рушење и на незачувување на култутрниот и јазичниот идентитет на Македонците“.

-Не можеме да ги ризикуваме меѓуетничките односи за друг проблем, така ништо не сме направиле. Треба да работиме на поголема кохезија на сите заедници, особено на првите две по големина – македонската и албанската. Ако имаме разбирање за нашиот културен и јазичен идентитет, само по себе ќе даде енергија во процесот на побрза интеграција на земјата во Европската Унија, рече Гаши.

На прашањето зошто заклетвата во вторникот во Собранието ја дал прво на албански, а потоа на македонски јазик, одговори дека било техничка работа и „не би сакал да се вовлече во дневна политика со такви мали работи“, а употребата на албанскиот јазик во Собранието, рече, е регулирана во 2008-2009.

-Тој ден беше празник за демократијата во Северна Македонија, се конституираше Собранието. Тоа е дневна политика и партиите го користат за некој евтин пи-ар. Јас не би сакал на тоа ниво да се симнам и да коментирам такви коментари. Немам никаков проблем со македонскиот јазик, го учам и зборувам истовремено со албанскиот од моите први години. Немам анимозитет кон македонскиот. Конститутивната седница беше подготвена од службите во Собранието, кои се професионалци и тоа беше технички, можеше прво да биде на македонски, битно е дека се прочита на македонски, додаде Гаши.

На прашањето дали сè уште се залага за „заедница на албански општини во Македонија“,одговори дека тоа било став на генералниот секретар на неговата партија Алтернатива и дека идејата била соработка во сегменти што ги засегаат жителите на тие општини, а темата тогаш, рече се политизирала и и се дало националистички предзнак.

-Нема таква конотација со националистички предзнак за федерализација како што сакаше да се прикаже. Никогаш не сме се изјаснувале за федерализација, затоа што тој модел не е компатибилен за оваа држава и затоа политички не сум ја застапувал таа тема, рече новиот претседател на Собранието.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More