Home » Гаши: Немаме друг избор освен ЕУ, судството останува еден од најгорливите предизвици

Гаши: Немаме друг избор освен ЕУ, судството останува еден од најгорливите предизвици

by Журнал.мк

Немањето конкретни истраги или обвиненија, и покрај наводите и прелиминарните дејствија, е нешто што долго се провлекува како феномен на неказнивост во нашиот правен систем. На судството му се потребни сеопфатни реформи за да се осигура дека владеењето на правото се одржува и дека правдата не е само концепт без содржина, туку е реалност, вели Африм Гаши во интервју за „Фокус“.

Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со претседателот на Собранието Африм Гаши, кој, меѓу другото, изнесува мислење за евроинтеграцискиот процес, како и за состојбите во правосудството.

Предизборно говоревте дека новата влада, во рок од 6 месеци, треба да ги изгласа уставните измени, од што зависи отворањето на преговарачките поглавја со ЕУ. Меѓутоа, сега говорите за продолжување на овој рок, со објаснување дека нема политичка влада во Бугарија. Сепак, таму долго време има политичка криза и прашање е кога ќе се формира стабилна влада, па во таа смисла – кога очекувате пробив на ова поле?

И покрај различните толкувања на начинот како да се изоди европскиот пат, јас сум сигурен дека, со минимални и безначајни исклучоци, нашата земја е цврсто определена за европска интеграција.

Новата коалиција и новото парламентарно мнозинство се темели токму врз тој столб и нема никакво двоумење околу стратешката ориентација на нашата земја. Затоа јас сум убеден дека ние ќе најдеме сили да го продолжиме тој пат.

Во сите средби што јас ги имам со странски пријатели и сојузници, а и со нивните акредитирани претставници во нашата земја, ја повторувам нашата решителност за европската агенда, нашето залагање на тој пат, како и потребата од помош и од нивна страна за реализација на овој висок стремеж на многу поколенија на нашата земја. Северна Македонија нема друг избор, освен Европската Унија.

И пред изборите и по нив постојано ја обвинувате ДУИ за корупција. Во таа насока, често го споменувате секторот со игри на среќа, случајот Соравија итн., но засега, иако можеби има одредени дејства или предистраги, изостануваат истраги и обвиненија. Што очекувате на тој план и како го оценувате ставот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и одново нивно екипирање од страна на фелата?

Мора да нагласам дека судството во нашата земја останува еден од нашите најгорливи предизвици. И меѓународните и домашните извештаи постојано ја истакнуваат длабоката криза во нашиот правосуден систем.

Немањето конкретни истраги или обвиненија, и покрај наводите и прелиминарните дејствија, е нешто што долго се провлекува како феномен на неказнивост во нашиот правен систем. На судството му се потребни сеопфатни реформи за да се осигура дека владеењето на правото се одржува и дека правдата не е само концепт без содржина, туку е реалност за нашите граѓани.

Иако е очигледна потребата од реформи во правосудниот систем, кон процесот мора внимателно да се постапува за да се одржи довербата во истиот, а начинот на кој што треба да се пристапи мислам дека треба да биде тема на една поширока дебата опфатена со сите засегнати страна по ова прашање.

Ваши кадри веќе влегоа во институциите, па каква состојба затекнаа и колку очекувате дека ќе трае т.н. процес на департизација, за чие спроведување баравте доверба од граѓаните?

Департизацијата е процес и заложба кон која треба да се осврнеме сите, не само како политички чинители, туку и како поширока јавност. Ние знаеме кој бил на власт во последните две децении и состојбата е веќе позната, но, сепак, се надевам дека е крајно време државата да покаже волја да почнеме поинаков пат на департизација на администрацијата.

Покрај другото, тоа го налагаат и европските принципи и вредности. Јас искрено се обидувам да давам пример дека сите во законодавниот дом се еднакви и сите може да придонесат за нашиот заеднички успех. Мислам дека тоа е лесно да се примети и да послужи како добар пример и за другите државни институции.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More