Home » Гаши и Спиропали посакаа Македонија и Албанија заедно да го продолжат патот кон ЕУ

Гаши и Спиропали посакаа Македонија и Албанија заедно да го продолжат патот кон ЕУ

by Журнал.мк

На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, изјави претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши на заедничката прес-конференција со својата гостинка, претседателката на парламентот на Албанија, Елиса Спиропали. Според неа, многу е важно да се изгради Коридорот 8, како и дека очекува да се имплементира Охридскиот договор кој гарантира не само правична застапеност на Албанците во институциите во државата, туку и службена употреба на албанскиот јазик.

Гаши истакна дека двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа се полноправното членство во Европската унија, соработката во областа на одбраната во рамките на НАТО Алијансата, како и продлабочување на регионалната соработка.

„На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот, бидејќи заедничка ни е посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нé мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи, чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата“, рече Гаши.

Како приоритети на двете земји од заемен интерес, додаде, се поефикасно користење на ЕУ фондовите и заедничко учество во нови проекти во рамки на ИПА фондовите, истакнувајќи ја потребата од продлабочување на економската соработка преку промоција на стопанските потенцијали и реализација на инфраструктурните проекти кои се значајни за напредокот и стабилноста на двете земји.

Спиропали истакна дека ЕУ е компасот кон кој се ориентирани двете земји и дека политичките одлуки треба да се ориентираат кон обединување на земјите во европското семејство со тоа што нема да им се дозволи, како што рече, на други држави да предизвикуваат немири во регионот. Таа додаде дека ЕУ мора да понуди јасен и пристапен пат до членство за Албанија и Македонија, како и за целиот регион.

Претседателката на албанскиот парламент се осврна и на некои дневно-политички прашања во Македонија.

„Можеме со гордост да признаеме дека албанскиот фактор продолжува со вродената улога во одржувањето на стабилноста на земјата и во односите меѓу двете земји. Безбедноста на регионот зависи и од албанскиот фактор. Во овој дух и во оваа филозофија, сигурна сум дека правичната и пропорционална застапеност на Албанците во институциите во земјата ќе продолжи според демократските стандарди, тоа е еден од условите за Охридскиот рамковен договор. Очекуваме дека законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран. Албанскиот јазик е свет и суштински поврзан со нашиот идентитет. Неговото кршење во која било форма многу боли и го нарушува нашиот идентитет, кој го носиме во овој голем свет како наша вредност. Ја препознаваме и ја разбираме загриженоста за можните промени на тој план, во зависност од одлукага на Уставниот суд, но очекуваме ваквите поделби да се решаваат според духот на Охридскиот рамковен договор. Посветени сме на добрососедство во целиот регион и Албанија ја нуди својата помош за решавање на прашањата преку дијалог“, рече Спиропали.

Tаа и порача дека „владините ротации во Скопје“ нема да влијаат врз односите меѓу Македонија и Албанија и дека официјална Тирана ќе продолжи да ја промовира европската перспектива на Македонија.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk