Општина Чаир започна значаен проект за енергетска ефикасност во колективните станбени згради, со цел подобрување на условите за живеење и намалување на потрошувачката на енергија. Градоначалникот Висар Ганиу истакна дека оваа иницијатива е дел од предизборните ветувања и има за цел да им помогне на граѓаните да ги намалат трошоците за енергија.
„Општината ќе финансира 30% од инвестициите, додека остатокот ќе го обезбедат самите станари. Ова е значаен чекор кон помодерен, поефикасен и поодржлив Чаир“, изјави Ганиу.
Покрај станбените згради, во изминатиот период успешно се имплементираа мерки за енергетска ефикасност во сите основни училишта и детски градинки во општината. Со ова, како што нагласи градоначалникот, се обезбедува побезбедна и поефикасна средина за учениците и децата.
Процесот на аплицирање за субвенциите ќе се спроведува преку јавен повик, со цел да се обезбеди транспарентност и еднаква можност за сите заинтересирани граѓани.
Со овој проект, Општина Чаир продолжува да вложува во одржливи решенија кои ќе донесат долгорочни придобивки за локалната заедница.