Франција ќе произведе само 37,5 милиони хектолитри вино оваа година, соопшти Министерството за земјоделство на земјата, намалувајќи ја својата проценка повторно поради неповолните временски услови кои го поттикнаа ширењето на болестите на лозата. Новата проценка се базира на податоците за жетвата до почетокот на октомври и би претставувала пад на производството за цели 22 отсто во однос на минатата година.
Споредено со просекот од пет години, кој изнесува 44,2 милиони хектари, производството би било помало за 15 отсто, пресмета Министерството и би се спуштило на најниско ниво од 2021 година, кога лозовите насади беа опустошени од мраз.
Пред околу еден месец, Министерството го процени производството на 39,3 милиони хектолитри, пренесува Хина, намалувајќи ја проценката од август, која изнесуваше опсег од 40 до 43 милиони хектари. Грозјето беше оштетено од неповолните временски услови годинава, повторија од Министерството, посочувајќи ги обилните врнежи во изминатите 12 месеци кои поттикнаа ширење на болести, како и мразот и град.
Поради влажноста и ниските температури во моментот на цветањето, лозите во многу лозови насади изгубија цвеќе, објаснуваат тие, а во септември жетвата во некои региони беше одложена за да се намалат ризиците.
Виното е меѓу главните извозни производи на Франција, заедно со алкохолните пијалоци, но странската побарувачка слабее поради намалената куповна моќ, а Французите исто така консумираат помалку вино, забележува Ројтерс.
. Во периодот од 1 јануари до 11 август, продажбата на вино во супермаркетите е намалена за повеќе од пет отсто, при што е намалена продажбата на црвено вино за 8,5 отсто, а продажбата на розе вино е намалена за шест отсто.