ЈКП „Комуналец“ успешно го реализираше првото ноќно миење на главните сообраќајници во градот, како дел од програмските активности за подигнување на јавната хигиена. Во акцијата беа опфатени најфреквентните улици, а од претпријатието информираат дека дел од граѓаните го испочитувале апелот да ги отстранат паркираните возила од тротоарите, што овозможило непречено извршување на работите.

Од „Комуналец“ велат дека приоритет во моментов е системско подобрување на чистотата и спроведување на годишната програма за работа, со цел создавање почиста и поздрава животна средина. Истовремено, апелираат до граѓаните со коректно однесување да ги поддржат активностите, за Прилеп да го задржи приматот најчиста и најзелена општина во државата.

Во однос на реакциите, сугестиите и критиките што пристигнале по објавата, од јавното претпријатие појаснуваат дека сите барања ќе бидат разгледани и реализирани согласно временските услови и расположливите ресурси, при што ниту една улица нема да биде изоставена од планираната динамика.

Од таму бараат разбирање од граѓаните, нагласувајќи дека работата се одвива по утврдени приоритети. Дополнително, посочуваат дека одржувањето на јавните прометни површини се врши врз основа на програмата на претпријатието и формула која ја зема предвид фреквенцијата на движење на возила и пешаци, како и сообраќајното оптоварување.
„Комуналец“ упати повик до сите чинители во општината, со заедничка одговорност и организирано работење, да придонесат за почиста, поздрава и поуредена средина во Прилеп.








