Во Порта „Македонија“ вчера се одржа конститутивна седница на Советот за култура, стручно и советодавно тело на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Членови на Советот за култура се: Ганка Цветанова, Битракова-Грозданова, Атила Клинче, Андријана Јаневска, оперскиот првенец Игор Дурловски, Рефет Абази, Јован Донев, Дејан Пројковски, Антони Мазневски, Сузана Спасовска – пејач, солист, првенец, режисерот Сашко Мицевски и писателот Блаже Миневски.
На првата конститутивна седница министерот Љутков се заблагодари за присуството и за посветеноста да бидат дел од оваа значајна и одговорна работа истакнувајќи дека ова тело ќе има клучна улога во обликувањето на културната политика на нашата земја.
„Денешнава седница претставува важен момент не само за Министерството туку и за целата културна сцена на нашата земја бидејќи вашата улога не е само советодавна, туку и стратешка зашто вашите препораки и иницијативи ќе бидат основа за важни одлуки што ќе влијаат врз обликувањето на културните процеси во земјата. Од вашите забелешки, анализи, препораки и сугестии ќе зависат многубројни одлуки и затоа сум убеден дека Советот ќе биде основен столб за трансформација на културата, како и за препознавање и вреднување на нашето културно наследство“, рече Љутков.
Членовите на Советот се од редот на истакнати уметници, стручни лица од областа на културата и лица од јавниот и општествениот живот.
Според Законот за културата, улогата на Советот е да му дава мислења на министерот за култура во врска со прашања од неговата законска надлежност.