Home » Финансиската писменост е потреба во современиот динамичен финансиски систем

Финансиската писменост е потреба во современиот динамичен финансиски систем

by Журнал.мк

Со активностите предвидени во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка дава натамошен придонес исполнувајќи ја потребата за финансиска едукација во современиот динамичен финансиски систем. Сведоци сме на разновидна понуда на финансиски услуги, под различни услови, преку различни канали. Дигиталните финансиски услуги носат многу предности за корисниците, но наметнуваат потреба од дополнителни знаења и нѐ соочуваат со нови предизвици и ризици. Неопходно е постојано надградување на знаењата, не само во врска со тоа како да се користат финансиските услуги, туку и како да се заштитат правата на граѓаните како потрошувачи. Како што се менува финансискиот систем, така расте потребата од нови знаења за соодветно управување со личните финансии”, истакна главниот економист на Народната банка, Анета Крстевска при гостување во програмата на Македонското радио. Говорејќи за одбележувањето на Деновите на финансиската писменост, за што Народната банка предвиде онлајн предавања во следните три дена, Крстевска посочи: „Подигнувањето на нивото на финансиската писменост е една од стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на овие денови, Народната банка, како општествено одговорна институција, нуди можност за стекнување и подобрување на знаењата на населението од оваа област.”

Во интервјуто, главната економистка на Народната банка посочи дека заложбите за подобрување на финансиската писменост се и одговор на потребите на населението, коешто во нашата земја, во согласност со спроведената анкета, остварува 56% од максимумот при оценувањето на трите компоненти коишто се составен дел од финансиската писменост: финансиско знаење, финансиско однесување и финансиски ставови. Овој показател е блиску до просекот за ЈИЕ (58%), но понизок во однос на напредните економии на ОЕЦД од 66%. Податоците се резултат на спроведената анкета на Меѓународната мрежа за финансиска едукација ИНФЕ при ОЕЦД во 2019 година со која се изврши мерење на финансиската писменост на населението во нашата земја во рамките на регионалниот проект за финансиска едукација поддржан од Министерството за финансии на Холандија и ИНФЕ-ОЕЦД.

Деновите на финансиската писменост се одбележуваат по седми пат. Годинава се предвидени обуки за повеќе теми коишто опфаќаат знаења за монетарната политика, за избор на кредит, за новините на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за структурата на финансискиот систем и движењата во банкарскиот систем. Презентациите се наменети за сите заинтересирани граѓани, слушатели со основно и со понапредно ниво на знаења. Оваа година се предвидени и две наменски предавања за средношколците, во пресрет на нивниот интерес за финансиска едукација, како дополнение на досегашната можност што ја имаат училиштата за поднесување барање за предавање. Учеството во обуките се обезбедува преку електронско пријавување на секое заинтересирано лице. Повеќе информации за предвидените обука може да најдете на следнава врска.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More