Трагедии ќе имавме уште повеќе да не ги обезбедевме ковид-амбулантите, луѓето ќе умираа во чекалните или на паркинзите, изјави неодамна за „Фокус“ актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, кој беше министер за здравство кога пред 3 години изби пожар во тетовската модуларна болница, во кој загинаа 14 лица, поради што се уште се води судска постапка за одговорност.
Денес навршуваат 3 години од пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени. Притоа, од оние 14 лица кои починаа поради пожарот, 12 биле на болничко лекување како заболени од Ковид-19, додека двајца биле членови на семејствата на болните.
По пожарот на 8-ми септември 2021 година, почна истрага која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27-ми јули 2022. Првиот судско рочиште беше закажано за 6-ти септември 2022 година, но по неколку одложување процесот почна на 4-ти декември 2022 година.
На 5-ти јуни 2023 година, Основен суд Тетово одреди условна осуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Тогаш, Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“. Но, Основното јавно обвинителство Тетово на 10-ти јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.
По оваа жалба расправаше Апелацискиот суд во април 2024 година, а притоа донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Бесими и Етеми, како и за Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект.
За докторот Вучевски беше потврдена првостепената ослобидтелна пресуда, додека на 26-ти јуни 2024 година беше закажано првото рочиште за повторното судење за двајцата директори, но тоа беше одложено за 25-ти септември поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.
За време на пожарот во модуларната болница, министер за здравство беше актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, кој поднесе оставка но тогашниот премиер Зоран Заев не му ја прифати. За овој случај, Филипче проговори во неодамнашното интервју за „Фокус“, кога изјави:
„Со заклетвата што сум ја дал, за мене е товар секоја операција со несакан исход, а да не говориме за една ваква трагедија што, за жал, се случи во екот на ковид-пандемијата. Тоа е нешто што никој не би посакал да се случи. За жал, трагедии во пандемијата се случуваа насекаде. Трагедии ќе имавме уште повеќе да не ги обезбедевме ковид-амбулантите, луѓето ќе умираа во чекалните или на паркинзите…“.
Одговарајќи на прашањето дали, според него, судскиот процес даде одговори на сите прашања и дилеми, Филипче рече дека само Судот е тој што може да ги даде одговорите, при што посочи дека во овој период кога имало низа обвинувања на негова сметка не влегол во конфронтација, туку ги чекал судските одлуки.
–Од оваа позиција на која сум сега, би било крајно неумесно било што во тој поглед да коментирам. Знам само дека мојата совест е чиста. Јас и мојот тим вложивме натчовечки напори да се спасат што поголем број луѓе, работевме дење и ноќе. Како лекар и хирург, човечкиот живот за мене нема цена и никогаш не би ризикувал ничиј живот за ништо на светот – рече Филипче.