Новиот состав на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз вечерва ја одржа првата седница на којашто беше избрано партиското раководство.
„Вечерва се одржа првата седница на Централниот одбор на СДСМ во новиот состав откако новите членови беа избрани на 30-от Конгрес. Состанокот помина во одлична атмосфера и позитивна атмосфера, со многу енергија и ентузијазам кај новите членови на Централниот одбор.
Се избра новото партиско раководство, членови на Извршниот одбор, понатаму генералниот секретар, тоа е Александар Димитријевиќ. Се избраа потпретседателите на партијата, Кристина Костова од Штип, Менде Илиевски од Битола, поранешната министерка Каја Шукова и професорката Ана Чупевска од Правниот Факултет, двајцата организациски секретари, поранешниот пратеник Мартин Костовски од Куманово и Љупчо Фармакоски од Општинската организација Центар.
Оваа енергија, оваа одлична атмосфера којашто ја имавме вечерва е само доказ дека консолидацијата не само што е започната, туку таа многу добро се одвива на сите нивоа во партијата. Вечерва избравме луѓе коишто имаат многу силен личен интегритет, многу знаење и искуство во своите области на делување претходно, коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи.
Имаме веќе план за работа. Многу силна и многу интензивна работа почнува веќе утре. Направен е план за посета на сите општински организации. Има насоки за промена во делувањето, комуникацијата со луѓето, начинот на коишто ќе допреме до членовите и симпатизерите, на оние коишто од некои причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект, веќе пристапуваат поради, и сме подготвени да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови и симпатизери во процесот на креирање на политики“, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче.