Home » Филипче: СДСМ е во критичен момент, но верувам во промени и во обнова

Филипче: СДСМ е во критичен момент, но верувам во промени и во обнова

by Журнал.мк

Мора конечно да ги надминеме внатрешните поделби и да работиме заедно кон заеднички цели. Единството и солидарноста се од суштинско значење за нашиот успех. Таа таборизација и перцепција во јавноста дека во СДСМ секогаш има три струи, мора да се менува. Организацијата мора да биде компактна и обединета. Сите мора да работат за иста цел, вели тој.

Венко Филипче е поранешен министер за здравство и актуелен пратеник, а во одреден период беше и потпретседател на СДСМ. Тој е еден од четворицата кандидати кои влегоа во трка за нов партиски лидер, откако Димитар Ковачевски најави внатрепартиски избори после поразот на двојните избори. По тој повод, со него разговараме за причините за изборниот пораз на СДСМ, за процесот на избор на нов лидер и раководство, за програмата со која ќе ја бара доверба од членовите…

Влатко СТОЈАНОВСКИ

– Advertisements –

ФОКУС: Откако се повлековте од позициите министер за здравство и потпретседател на СДСМ по поразот на последните локални избори, не бевте дел од високата политика. Како се случи да се реактивирате на последните парламентарни избори, во улога на носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица?
ФИЛИПЧЕ: Јас секогаш останав политички активен и во постојана комуникација со членовите и партијата. Иако не бев на функција и ретко коментирав во јавноста, моето вклучување на парламентарните избори не би рекол дека е изненадување.

Јас сум активен член на СДСМ од 1995 година, а до 2021 година бев министер и во еден период потпретседател на партијата. Во тој период создадов многу добри односи, со голем број членови и симпатизери, граѓани и организации, кои ме поддржаа во идејата да се кандидирам за пратеник.

Покрај тоа, знаев дека СДСМ го очекува тешка кампања и се очекуваше неповолен резултат на изборите. Но, за мене тоа беше предизвик, човек треба да се вклучи и да помогне кога е најтешко, не само кога победата е сигурна.

Кампањата беше одлична можност да се осознаат проблемите со кои се соочува партијата директно од членовите и граѓаните. Собранието, пак, е одлична платформа за креирање политики и работа директно на потребите на граѓаните.

ФОКУС: Според Вас, кои се главните причини за лошиот резултат на СДСМ, на двојните претседателски и парламентарни избори? Каде треба да се лоцира најголема одговорност?
ФИЛИПЧЕ: Има повеќе причини за лошиот резултат и би рекол дека може да се поделат во два дела, менаџмент на партијата и политики.

Во однос на менаџментот, анализата на освоени гласови кажува дека СДСМ има изгубено сериозен број гласачи, кои се дефинираат како лојални гласачи на партијата, односно „базата“ на партијата. Тоа се луѓе, кои години наназад, и во добро, и во лошо биле со СДСМ. Кај оваа група, многу повеќе влијаел односот на раководството отколку политиките на партијата.

Од моите разговори токму со вакви наши членови се чувствуваше напуштеност и негрижа, едноставно оддалеченост од раководството. Ова е изразено особено во последните две и пол години.

Доколку бидам претседател, вакво нешто никогаш нема да се повтори. Јас, и како министер, и како човек, генерално, сум достапен и отворен за соработка и комуникација, а тоа ќе мора да го прават и луѓето околу мене. Никој нема да биде оставен настрана, неислушан или запоставен. СДСМ, пред сѐ, мора да се грижи и да ги вклучува своите верни поддржувачи бидејќи без нив партијата нема да постои.

ФОКУС: Што сакате да кажете кога велите дека вториот дел од причините за изборниот пораз е во однос на политиките? На што поточно мислите?
ФИЛИПЧЕ: Стратешкиот фокус на СДСМ на меѓународната политика, особено на интеграциите во ЕУ, беше добронамерен и исправен. СДСМ направи историски исчекори, но поставувањето на ова прашање како единствена политика на партијата, на крајот се покажа како погрешен пристап.

Нашиот акцент на оваа цел ги засени домашните прашања и успесите во различните области, кои несомнено ги имавме. Создадовме перцепција дека СДСМ не се занимава со ништо друго, освен со ЕУ, грешка која никогаш повеќе не смее да се повтори.

Иако посветено управувавме со три последователни кризи, ја вративме слободата на медиумите и демократијата, направивме енергетска трансформација и реализиравме многу инвестиции, нашите достигнувања не беа забележани.

Електоратот ги сфати нашите приоритети како погрешно усогласени со нивните непосредни грижи, што доведе до перцепција дека СДСМ ги запоставува интересите на граѓаните. Ова секако беше далеку од точно, СДСМ имаше за цел да реши клучни проблеми во интерес на сите, но перцепцијата си го направи своето.

Друг критичен фактор за нашиот пораз беше периодот на преговорите со Бугарија. Во тој период имаше изразено негативна кампања од бугарска страна, на која сметам дека не се спротивставивме соодветно.

Нашата стратегија, иако дипломатски претпазлива, од многу македонски граѓани беше сфатена како премногу мека. Овој пристап доведе до широк гнев и незадоволство, бидејќи многумина сметаа дека достоинството на македонскиот народ се нарушува.

Перцепцијата дека СДСМ има приоритет за постигнување договор по секоја цена ја поткопа нашата поддршка. Сепак, во реалноста, СДСМ и нејзините политики секогаш беа насочени кон заштита на идентитетските интереси и достоинството на нашата држава и на нашите граѓани. За жал, на вака емотивно прашање и под таква силна пропаганда, беше невозможно да се очекува различен исход.

ФОКУС: Колку сметате дека ви наштети перцепцијата, основана или неоснована, сеедно, дека СДСМ е подреден во владата, во однос на ДУИ?
ФИЛИПЧЕ: Во обидите да одржиме стабилна влада и да ги решиме стратешките проблеми, отстапивме премногу моќ на ДУИ. Оваа нерамнотежа, не само што го ослабна нашето влијание, туку и остави впечаток дека ДУИ е примарна сила што ги движи владините политики.

Како резултат на тоа, многу гласачи го сфатија СДСМ како потчинет на ДУИ. Ова го наруши нашиот кредибилитет и имиџ, иако во реалноста ова уверување не беше точно.

Сево ова кулминираше во изразено националистичката кампања за изборите, но и многу пред тоа, каде што главната битка беше меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ беше целосно маргинализирана.

СДСМ, во иднина, мора да ја научи оваа лекција добро. Ниедна цел не е поважна од задржувањето на интегритетот и достоинството на партијата. Дури и по цена да не се формира влада, СДСМ не смее да дозволи да биде во коалиција во која нема да има доминантна улога.

Дали дел од вината ја гледате и во лошите кадровски решенија на СДСМ?

На нашиот пораз влијаеше и лошиот избор на поединци назначени да раководат со клучните институции. На многу од овие луѓе им недостасуваше потребното искуство и компетентност, но, пред сѐ, интегритет што резултираше со слаби перформанси и неисполнување на очекувањата на јавноста.

Дополнително, главен проблем беше и лошата хиерархиска поставеност на владата. Граѓаните имаа впечаток дека владата ништо не контролира, дека поединци одлучуваат секој за себе и дека нема централна контрола на работењето.

Ова креираше перцепција за влада, која не ги држи конците во раце. Доколку го преземам СДСМ, кадровската политика ќе се базира исклучиво на избор на компетентни луѓе со интегритет.

Кои се Вашите главни мотиви да се вклучите во трка за нов партиски лидер и какви се вашите очекувања? Очекувате ли победа?

СДСМ се наоѓа во критичен момент од историјата на партијата. Јас кажав дека овој пораз ја клекна СДСМ на колена. Но, верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова.

Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на нивото што го заслужува. Да создадеме организација, која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок.

Мора да учиме од нашето минато, да ги отстраниме сите недостатоци и да излеземе посилни и пообединети од кога било досега.

Во однос на очекуваниот резултат, се надевам дека ќе ја добијам поддршката.

ФОКУС: На што го темелите ова очекување?
ФИЛИПЧЕ: Сметам дека имам одлични односи со сите членови, сегашни и минати функционери, како и поширок круг на граѓани што гравитираат околу СДСМ. Ова ќе се обидам да го искористам за обединување на партијата и враќање на лојалното членство што е прва задача на лидерот.

Понатаму, верувам дека стекнав професионално искуство и знаење за оваа функција и сметам дека можам да ја водам партијата во овие тешки времиња. Тоа знаење и начин на работа во кој се вклучени најдобрите професионалци, во кој се цени знаењето и придонесот е нешто што му е потребно на СДСМ и сметам дека можам да го направам.

И трето, сметам дека може да воведам еден сосема нов пристап во комуникација и ангажирање на членовите и граѓаните. Еден нов, отворен пристап, каде што почитта кон луѓето е приоритет, а нивните грижи наша основна водилка во политиките.

СДСМ мора да го реформира, пред сѐ, менталитетот и да стане вистински граѓански ориентирана партија, која го има граѓанинот во центарот на своето дејствување. Моја цел е да ги „вбризгам“ во СДСМ вредностите и верувањата што ме водат во мојот личен и професионален живот.

Професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето, пристапноста и одговорноста се вредностите и принципите по кои работев секогаш во минатото. Силно верувам дека ваков пристап е потребен и во целокупното работење на СДСМ и неговото раководство.

ФОКУС: Покрај изборот на нов лидер и раководство, дали на СДСМ му требаат и промени од идеолошки, програмски и од концепциски карактер? Дали партијата треба да се реорганизира или треба целосно да се реформира. Ако е така, во кој дел?
ФИЛИПЧЕ: Длабоки реформи и промени се секако потребни, изборниот резултат тоа јасно го сугерира.

Во однос на идеолошките аспекти, јас не сум од оние што смета дека СДСМ целосно застранила од социјалдемократските вредности. Ако ги следите нашите политики во изминатите седум години и клучните сектори каде што вложувавме, јасно се препознава социјалдемократската нишка.

Во време на криза вложивме во маргинализираните, со цел одржување на социјалните разлики на минимум.

Понатаму, вложивме многу средства во социјална заштита и намалување на нееднаквоста, но и ги втемеливме либералните и демократските вредности во нашето работење преку унапредување на слободата и демократијата на секое ниво.

Понатаму, поттикнувавме единство и солидарност преку политиките на инклузивност. Концептот „Едно општество, за сите“, кој, за жал, се напушти при крајот на мандатот и ќе го ревитализираме, беше целосно социјалдемократски концепт.

Понатаму, вложивме силно во нашите евроинтеграции, како единствен пат што овозможува подеднакво напредок и стабилна иднина за сите. Така што од идеолошки аспект, потребно е реафирмирање на социјалдемократските вредности и нивно преточување во конкретни политики.

СДСМ, под мое водство, ќе продолжи да се бори за социјална правда, еднаквост и демократија. Не смее да дозволиме популистичкиот бран да нѐ оттргне од посветеноста на принципите што нè дефинираат како социјалдемократи.

Во однос на внатрешната организација, односот и начинот на работа на партијата, како и менталитетот на самата партија, сметам дека се потребни длабоки реформи.

Прво, мора да ја подобриме внатрешната демократија. Процесите на донесување одлуки мора да бидат поинклузивни и потранспарентни. Секој член на нашата партија треба да има глас, а нашето раководство мора да одговара пред членството.

Понатаму, мора конечно да ги надминеме внатрешните поделби и да работиме заедно кон заеднички цели. Единството и солидарноста се од суштинско значење за нашиот успех. Таа таборизација и перцепција во јавноста дека во СДСМ секогаш има три струи, мора да се менува. Организацијата мора да биде компактна и обединета. Сите мора да работат за иста цел.

Понатаму, потребни се механизми за комуникација и давање глас на членството. Ќе воведеме нови механизми за ангажирање на нашите членови, само така тие ќе бидат ефективни промотори на нашите вредности и политики.

За крај, потребно е изградба на силна комуникација и долгорочна стратегија. За ова треба да се вклучат врвни внатрешни и надворешни експерти, минати функционери, луѓе со искуство што го познаваат и го сакаат СДСМ.

Под мое водство ќе креираме сериозна структура, која ќе го советува раководството и ќе помага во креирањето на политиките и комуникацијата со јавноста. Сметам дека СДСМ беше многу слаб во овој сегмент и тоа мора да се промени од корен.

Што друго предвидува програмата и планот со кои ќе ја барате довербата од членовите на СДСМ? Кои се главните заложби и ветувања?

Програмата што ја доставив на повеќе од 20 страници е концепт, кој ќе го развиваме во детали, ако бидам избран за претседател. За да сумирам, ќе кажам дека таа се дели во два дела, демократизација на процесите и вклучување на членството и професионализација на партијата.

Во однос на демократизацијата, предвидувам непосредни внатрепартиски избори за претседатели на општински организации и кандидати за градоначалници. Ова е од суштинско значење, но и барање на членовите.

Потоа, воведување јасен систем на внатрешна комуникација и процеси за вклучување на членството во носењето одлуки, преку конкретни механизми, како постојани анкети со нив, тестирање на политиките на секое ниво и собирање мислења со цел креирање политики, кои, пред сѐ, имаат поддршка од членовите. Ова ќе биде темелна реформа, која силно верувам дека е потребна.

Во вториот дел е реорганизацијата на партијата и тука предвидувам неколку нови тела.

За какви тела станува збор?

Прво, воведување на Стратешки совет. Тој ќе се состои од политичари од раководството, експерти и надворешни соработници, кои на дневна основа ќе ги анализираат политичките состојби и ќе креираат стратегии и политики за партијата.

Советот ќе биде задолжен да го контролира идеолошкиот развој и позиции на партијата и да ги усогласува политиките со социјалдемократските принципи.

Во рамки на советот ќе функционира и Советот на ветерани составен од искусни поранешни политичари на СДСМ и ќе служи како советодавен одбор на претседателот.

Користејќи го големото знаење и искуство на неговите членови, СДСМ во иднина ќе носи издржани стратешки одлуки. Советот ќе игра клучна улога во зајакнување на кохезијата во партијата и обединување на сите струи и крила.

Планирано е воведување комисија за етика и одговорност. Создавањето на комисијата за етика и одговорност е критичен чекор во обезбедувањето транспарентност и етичко однесување во СДСМ.

Комисијата ќе се погрижи сите членови на партијата, од најниско до највисоко раководно ниво, да се придржуваат до кодексот на однесување на партијата.

Понатаму, ќе се воведе секретар за односи со општинските и месните организации. Воведувањето на оваа позиција е да се воспостави јасна и постојана комуникација меѓу општинските организации и централното раководство. Секој член ќе биде слушнат и ќе изградиме силни врски меѓу раководството и членовите.

Планирана е темелна реформа на начинот на кој функционира СДСМ и комисиите на партијата. Комисиите ќе функционираат како платформи, во кои ќе се вклучуваат и надворешни експерти во своите области, со цел да се прошири експертизата во партијата, но и да биде партијата достапна и инклузивна за сите интелектуалци и експерти во различни обласни. Од овој пристап, на крајот бенефит ќе имаат граѓаните.

Поради Вашата блискост со поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев, многумина Ве доживуваат како негов фаворит на внатрепартиските избори. Па, дали тоа е точно – дали ја имате поддршката од Заев во овој натпревар?

Ова не е вистинското прашање и затоа ќе одговорам на она кое суштински сакате да го прашате. А тоа е дали доколку јас бидам избран за претседател, Зоран Заев ќе биде тој што ќе ги води политиките. Ова е теза што постојано се пласира од многу места, но и од ВМРО-ДПМНЕ.

Веднаш ќе кажам – апсолутно не. Многу бргу по мојот избор ќе видите суштински разлики во начинот на водење на партијата, кадровски промени и целосен концепт, кој ќе биде оригинален и самостоен. Јас не сум под ничие влијание, уште помалку под нечие управување.

Со Зоран Заев имам одлични релации, како и со низа други поранешни претседатели, како Радмила Шеќеринска, Владо Бучковски и Димитар Ковачевски, на пример. Сметам дека тоа е многу голема предност затоа што верувам дека само човек што има искрен и добар однос со сите може во вакви услови на поделеност да биде претседател на СДСМ.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More