Home » Филхармонија со „ Галантна Индија“ го започнува вториот дел од сезоната

Филхармонија со „ Галантна Индија“ го започнува вториот дел од сезоната

by Журнал.мк

Oркестарот на нашата Филхармонија в четврток во 20 часот ќе го одржи првиот концерт во вториот дел од концертната сезона. Концертот е насловен „Галантна Индија”, диригент е маестро Габриел Бебешелеа, а како солистка ќе настапи ЕлишијаСилверштајн- една од најзначајните млади американски виолинистки.

На програмата се „Концертот за виолина и оркестар бр.9“,  од Жозеф Болоњ Шевалие де Сан Жорж и Оркестарската свита од операта- балет „Галантна Индија”, од Ж.Ф.Рамо.

Жозеф Болоњ, Шевалие де Сан Жорж (1745 – 1799) е француски композитор, виолинист и диригент на Парискиот симфониски оркестар. Болоњ бил учител по музика на кралицата на Франција, Марија Антоанета. Неговиот музички опус бил инспириран од музиката на Волфганг Амадеус Моцарт, па затоа историчарите го нарекуваат „црниот Моцарт”. „Концертот за виолина и оркестар бр. 9“, е дело со параметри, типични за музиката на овој оригинален француски композитор. Концертот е мешавина од барок и класицизам, фузија на придобивките од епохата во која живеел.

„Галантна Индија” е првата опера- балет на Жан Филип Рамо (1683 – 1764), која ја напишал на либрето на Луј Физелије, а премиерно е изведена во Париската опера на 23 август 1735 година. Во ова дело, Рамо ја запознава публиката со различни аспекти на љубов во далечните земји. Момчињата од четири европски земји, Купидони, грешејќи ѝ на божицата Хеба, одат во војна. Кога сфаќаат дека Европа ги напуштила, решаваат да одлетаат во Индија/Индии – генерички термин што во тоа време се користел за која било далечна, егзотична земја. Овие т.н. Индии стануваат место на случување во чиновите, односно антреата.

Американската виолинистка Елишија Силверштајн на светската музичка сцена е етаблирана како изведувач со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација. Музичката јавност за првпат имаше можност да ја слушне во Лондон, 2015 година, на музичкиот фестивал „Спиталфилдс”. И не беше рамнодушна. Изведбатa на оваа млада виолинистка од САД останува длабоко врежана во сеќавањата на секој присутен на тој концерт. Тоа бил настап кој навестувал една мошне плодна и успешна кариера. Шест години подоцна, Елишија Силверштајн станува добро позната на светската музичка сцена како изведувач со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација. Настапува како солист и како камерен музичар, а нејзиниот репертоар се состои од дела од 17 до 21 век.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар”, во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои се Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е работата со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот Младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока. Две години подоцна магистрирал на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторирал на истиот универзитет. Сега живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk