Home » Фидан во Скопје: Безбедноста и антитероризмот на дневен ред

Фидан во Скопје: Безбедноста и антитероризмот на дневен ред

by Журнал.мк

Во фокусот на денешната посета на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на Северна Македонија се низа прашања, вклучително и борбата против терористичката организација ФЕТО и зајакнувањето на билатералните безбедносни врски, пишува Туркије тудеј.

Фидан доаѓа во Скопје како дел од тековните дипломатски напори на Турција и ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, со претседателот на парламентот Африм Гаши и со неговиот колега Тимчо Муцунски. Дискусиите првенствено ќе се фокусираат на борбата на Турција против ФЕТО, како и на пошироките безбедносни закани.

Се очекува Фидан да ги претстави очекувањата на Анкара во борбата против тероризмот, нагласувајќи ја потребата од посилна соработка во оваа област. Другите теми вклучуваат проширување на односите во воената и одбранбената индустрија меѓу двете нации, пишуваат турските медиуми.

Неодамна Турција донираше разновидна воена опрема за Северна Македонија, потсетуваат турските медиуми

За време на средбите клучна улога ќе има и економската соработка.

– Турција има значајна позиција во надворешните односи на Северна Македонија, како првата држава што ја призна Северна Македонија со нејзиното уставно име и именуваше амбасадор во Скопје. Посетата ги нагласува силните врски меѓу двете нации, при што Турција во моментов е рангирана како седми најголем странски инвеститор во Северна Македонија – пишува Хуриет дејли њуз.

– Турција и Северна Македонија имаат за цел да ја зајакнат соработката во сектори како што се градежништвото, енергијата и инфраструктурата. Сегашниот обем на трговска размена меѓу двете земји изнесува една милијарда американски долари, а двете страни имаат за цел зголемување на две милијарди долари преку серија заеднички проекти – се нагласува во турските медиуми кои ја најавуваат официјалната посета на шефот на турската дипломатија.

Покрај безбедносните и економските дискусии, Фидан ќе се сретне со турски пратеници во Парламентот на Северна Македонија, лидери на албански политички партии и претставници на турската заедница во Северна Македонија.

Ќе бидат покренати прашања во врска со турската заедница во земјата, при што двете страни ќе ги истакнат длабоките историски, културни и човечки врски меѓу Анкара и Скопје. Посетата на Фидан ќе опфати и размени за регионалните и глобалните случувања, со фокус на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Турција и Северна Македонија.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More