Кинескиот гигант DongFeng веќе е присутен на нашиот пазар, а од неодамна во Европа е достапен и новиот, мал и електричен Nammi Box кој ветува автономија од над 300 километри и цена која треба да биде попривлечна за европските купувачи.
DongFeng е веќе присутен и на нашиот пазар преку DFSK и Fengon, кои ги застапуваат нашите пријатели од ABC Brother. Веќе добро ги познаваме моделите на кинескиот гигант, но со Nammi Box, Dongfeng отвара ново поглавје во европската понуда. Новиот Nammi Box на самиот старт е лансиран во Швајцарија каде чини од околу 23.000 Евра, а понатаму се очекува и на други пазари ширум Европа.
Инаку, Nammi Box добива батерија со капацитет од 42.3 kWh, како и електромотор со моќност од 94 коњски сили. Според веќе направените WLTP мерења, автономијата е сосем задоволителни 311 километри – повеќе од доволно за мал, градски автомобил.
Дизајнот на Nammi Box е модерен и флуиден, со меки линии и детали. Забележуваме дводелни предни светла меѓу кои стои LED лента, но и други интересни детали, како на пример рачките за врати кои се вовлекуваат кога не се потребни. Во кабината исто така преовладува чистиот дизајн – пред возачот има мал екран за најважните информации, додека на средина на конзолата е поставен голем мултимедијален екран за другите функционалности.
Сега за сега нема конкретна најава за пазарната пенетрација на Nammi Box, но со оглед на тоа дека пазарот е гладен за мали, практични и достапни електрични автомобили, не би биле изненадени колку Dongfeng го забрза проширувањето на Nammi Box и во други земји. Дополнително, веќе знаеме дека DongFeng е во преговори за изградба на фабрика во Италија, а тоа би значело дека Nammi Box можеби би се произведувал во Европа со што ќе се избегнат високите тарифи кои ЕУ им ги наметна на кинеските електрични автомобили.