Home » Европските лидери денеска во Париз на итен состанок за безбедноста на континентот

Европските лидери денеска во Париз на итен состанок за безбедноста на континентот

by Журнал.мк

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз ќе ги собере претставниците на големите европски земји за да разговараат за европската безбедност, потврди денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

„Претседателот на Републиката ќе ги собере главните европски земји на разговори за европската безбедност“, изјави Баро за радиото Франс Интер. Тој не прецизираше кој ќе учествува на работната средба, но според европски дипломатски извор треба да присуствуваат Германија, Полска, Италија, Данска, како и Велика Британија.

Ќе бидат присутни и европските лидери Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста, како и шефот на НАТО Марк Руте, рече изворот.

Средбата ќе се одржи ден по Минхенската безбедносна конференција, која беше обележана со непријателски говор на потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, насочен против Европската унија, која тој ја обвини дека не ја почитува слободата на изразување. Тој потврди и дека Американците размислуваат за преговори за решение на украинското прашање без Европејците.

„Кога станува збор за слободата на изразување, не ни требаат инструкции“, изјави Баро за Франс Интер. „Треба да се ослободиме од комплексот на инфериорност и да не бидеме заплашени, затоа нема да прифатиме никакво мешање“, нагласи тој.

Тој оцени дека изјавите на Венс дадени една недела пред парламентарните избори во Германија се неприфатливи. „Ќе ја заштитиме нашата демократија и нашите јавни дебати, бидејќи тие се нашите најскапоцени средства, дури и ако се кревки“, рече Баро.

Кога станува збор за прашањето за Украина, тој повтори дека само Украинците можат да донесат одлука за завршување на војната и нагласи дека Европа ќе ги поддржува додека не донесат сопствена одлука.

Тој додаде дека Украинците нема да застанат додека не бидат сигурни дека мирот што им се нуди ќе биде траен и додека немаат гаранции за безбедност. „А кој ќе им даде гаранции? Европејците“, повтори Баро, нагласувајќи дека Европејците на овој или оној начин ќе бидат вклучени во дискусиите за завршување на војната во Украина.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk