Home » Европските елити самите сеат страв фингирајќи „наезда на десен екстремизам“

Европските елити самите сеат страв фингирајќи „наезда на десен екстремизам“

by Журнал.мк

Интересна анализа излезе деновиве во аналитичкиот портал „Геополитика њуз“. Имено, во контекст на европските избори и кампања, многу стигма беше фрлена кон сите движења, мислења и ставови што не се во согласност на т.н. мејнстрим-политики на европските (либерални) елити. Европските елити им лепеа етикети на сите политички неистомисленици како да се радикалисти, екстремисти и недемократи. Притоа се доби впечаток дека демократијата ексклузивно им припаѓа на споменатите европските елити и на никој друг. Дека сами тие се синоним за демократијата, за човековите права и воопшто на меѓународното право, онакво какво што се вклопува во нивниот концепт. Сето тоа, според низа аналитичари, повеќе наликува на „узурпација на демократијата“ отколку на примена на демократијата во нејзината изворна најчиста форма.

Европските „либерали“ често со одлики на кои би им одговарал префиксот – „нео“

Аналитичарите на „Геополитика“ во низа наративи на своите анализи подвлекуваат дека „не сите екстремно десничарски екстремисти, ригидни екстремисти“ и (ли) „агенти на Путин“ – се токму онакви како што ги етикетираа европските „либерални“ елити. Многу е јасно дека не се!

На пример, јасно е дека не се такви оние што масовно протестираа низ ЕУ во изминатите месеци, главно барајќи заштита на својата гола егзистенција (како земјоделците), или други, кои јавно го побараа уставно загарантираното право на лична и материјална безбедност на улиците на европските градови“. Но очигледно некој се почувствува загрозен… Европските елити дијагностицираа дека „постои ’маса‘ незадоволства, кои, канализирани во политички опции, многу добро можат да ги загрозат интересите“ на вкоренетиот европски „либерализам“. (Тој т.н. либерализам на европските елити често е со одлики на кои би му одговарал префиксот – „нео“.)

За ова пишува и реномираниот „Политико“, посочувајќи на зајакнувањето на десницата низ европскиот континент во контекст на изборите за Европскиот парламент.

Имено, денес терминот радикална десница се злоупотребува политички и медиумски (зборуваме за мејнстримот), односно ги опфаќа и сите оние што се сметаат само за традиционалисти и конзервативци (т.е. умерената десница), кои во меѓувреме изгубија на својот идентитет и веќе подолго време се втурнуваат кон центарот. Тоа е нешто слично како што традиционалната левица се турка кон центарот, и тоа преку партиите со социјалдемократска ориентација. Констатацијата на аналитичарите е дека „во првото нема ниту ’вистинска‘ десница, ниту во второто ’вистинска‘ левица“… Или според нив и со други зборови, „радикалната десница ги вклучува сите оние што имаат различни мислења за одредени клучни или чувствителни теми – од мигрантската политика, до украинската војна, до идеолошките поделби“ итн.

Десно и екстремно десно немаат заеднички политички именител и методи

Токму оваа класификација и ставање под ист именител на радикализам е причина за фрустрација кај „старомодните“ луѓе, кои имаат и не сакаат да имаат ништо заедничко со радикалните десничари, туку само сакаат политички да се борат за своите ставови и интереси против доминантните и владејачките политички опции – што е сосема легитимно и демократско. Затоа овие конзервативци, а ние ги гледаме од интелигенција, работници, до земјоделци и рибари, со право се лути на ваквите етикети, кои секојдневно ја бомбардираат јавноста преку медиумите, кои или треба да ги слушаат оние што ги финансираат, или тие едноставно не разбираат за што зборуваме овде.

Затоа што дали сите оние што масовно протестираа низ ЕУ во изминатите месеци, главно барајќи заштита на својата гола егзистенција (како земјоделците) или уставно загарантираното право на лична и материјална безбедност на улиците на градовите каде што живеат и во нивните домови, се екстремно десничарски екстремисти, ригидни екстремисти и (ли) „агенти на Путин“? Јасно е дека не сѐ! Но постои „маса“ незадоволни, кои, канализирани во политички опции, можат многу добро да ги загрозат интересите на вкоренетиот европски елитизам, што се одликува со класичен (нео)либерализам. Во европските институции таквиот концепт (што интензивно се турка) се операционализира, како што издвојуваат аналитичарите, преку еден „модел на моќен трипартитен интересен конгломерат, кој ги надгледува сите сегменти на општественото дејствување и прави што сака“!

Вистинската радикална десница и разликата од нешто што не е тоа

„Политико“ во својата анализа на оваа тема издвојува дека следниот Европски парламент би требало да има повеќе десничарски членови од историски доминантната сила во домот, од мејнстрим-конзервативната Европска народна партија.
Во текстот на „Политико“ натаму пишува дека нив ги нарекуваат со многу различни имиња: екстремна десница, радикална десница, тврда десница, евроскептици, популисти. Нивните критичари ги нарекуваат фашисти или авторитаристи.

Но тие претпочитаат да се опишуваат себеси како конзервативци, суверенисти, националисти, демократи…

Иако десница се опсервира и опишува низ различни диоптрии, она што ги обединува е светогледот фокусиран на силна национална држава, традиционализмот, семејните вредности, но и скептицизмот кон наднационалните организации…
Според анализите на низа реномирани експерти, „некои радикални десничарски политичари се економски либертаријанци, но се повеќе за силна заштитничка држава и, во таков контекст, Русија е најголемата точка на поделба“.

Примери од европскиот политички амбиент каде што политиките на Москва се уважуваат и следствено, тие политики се сметаат за екстремно десни.

Според пишувањето на „Политико“, „некои партии, како што се АфД или австриската Партија на слободата, се отворени обожаватели на рускиот претседател Владимир Путин. Други, како Браќата на Италија на Мелони или полската партија Право и правда, се, од причини на верување или погодност, меѓу неговите најжестоки противници“!

Поддржувачите на десницата вклучуваат земјоделци и работници, кои ги обвинуваат политиките на Брисел и елитите за исчезнувањето на нивните средства за живот, како и гласачите од средната класа загрижени за имиграцијата и ерозијата на она што тие го гледаат како традиционални вредности. Тие сè повеќе вклучуваат млади луѓе загрижени за постојано зголемување на трошоците за живот.

Миграцијата почна да игра централна улога во привлекувањето поддржувачи, но исто така и прашањата за културната војна, како што се пристапот до абортус или правата на ЛГБТК+. Неодамна, европските популистички партии го изразија својот револт, поради еколошките регулативи на нивната листа на горливи прашања.

„Политико“ издвојува интересен став дека „момент на поддршка за радикалната десница е недостигот од атрактивни алтернативи“, образложувајќи дека „обично во време на нестабилност – војни, пандемии, економска несигурност – гласачите се собираат кај традиционалните партии на моќ“.

Денес во многу земји овие партии се распаднаа.

Низ една симпатична метафора, „Политико“ пишува дека „со децении европската десница и левица се бореа за центарот и, како двајца пијани боксери, пропаѓаа, оставајќи ја арената отворена за нови предизвикувачи“. Во последниот круг од европските избори, ова доведе до експлозивни можности за (нео)либералните сили како Макрон во Франција. Овој пат, оние што зачекоруваат во центарот на рингот доаѓаат од другата страна на политичкиот јаз што се појавува на европскиот континент.

Според многу анализи, „доаѓањето на радикалната десница на европската сцена ќе има долготраен ефект“!
Политичките врски формирани во раната зрелост имаат тенденција да траат цел живот.

За разлика од САД, каде што Доналд Трамп најмногу го поддржуваат постарите граѓани, во Европа, десничарските идеи ги зафатија младите, па токму тие широки слоеви, според анализата, ќе имаат сила во наредните децении на европскиот континент.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More