Home » ЕУ најави силен одговор на царините на Трамп

ЕУ најави силен одговор на царините на Трамп

by Журнал.мк

Европската Унија планира силен одговор на глобалните царини на Трамп од 25% за челик и алуминиум, пишува Politico, повикувајќи се на три дипломатски извори запознаени со плановите на Брисел. Тарифите на американскиот претседател, стапија на сила утринава.

ЕУ веќе има подготвен пакет контрамерки, кои датираат уште од првиот мандат на Трамп, и вклучува царини за познати американски производи како што се мотоцикли Харли Дејвидсон, бурбон и фармерки. Овие мерки треба автоматски да стапат во сила на крајот на месецот. Сепак, како што наведуваат извори на Политико, ЕУ најверојатно ќе оди чекор понатаму.

„Комисијата жали за одлуката на САД да воведат царини, сметајќи ги за неоправдани, нарушувачки за трансатлантската трговија и штетни за бизнисите и потрошувачите, што често доведува до повисоки цени“, објави утринава Европската комисија.

Комисијата ќе ги активира постоечките контрамерки против Соединетите Држави кои беа суспендирани во 2018 и 2020 година од 1 април. Како одговор на новите американски царини кои влијаат на повеќе од 18 милијарди евра од извозот на ЕУ, Комисијата објави и пакет нови контрамерки за американскиот извоз, кои ќе стапат на сила во средината на април, по консултациите со земјите-членки и засегнатите страни.

„Контрамерките што ги преземаме денес се силни, но пропорционални. Бидејќи САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Тоа одговара на економскиот опсег на американските царини“, рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, укажувајќи дека ЕУ останува отворена за преговори.

„Цврсто веруваме дека во свет полн со геополитички и економски несигурности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме нашите економии со царини. Подготвени сме да се вклучиме во значаен дијалог“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека го задолжила комесарот за трговија Марош Шефчовиќ да продолжи со разговорите со американската страна.

„ЕУ ќе го користи чеканот затоа што се толку фрустрирани од Трамп“, изјави претставник на европската челична индустрија, кој разговараше со дипломатите под услов да остане анонимен. Како заеднички пазар од 450 милиони луѓе, ЕУ сака да испрати јасна порака дека е подготвена да ги брани своите економски интереси доколку Трамп ја засили трговската војна, наведува Политико.

Трансатлантската трговија, вредна 1,7 трилиони долари, беше клучна за просперитетот на Западот по Втората светска војна. Но, како што пишува Политико, Трамп, незадоволен од трговскиот дефицит на САД, гледа на тарифите како начин да ги принуди индустријата и работните места да се вратат во Америка.

Иако тарифите најмногу ќе ги погодат Канада и Мексико, ЕУ е трет по големина снабдувач на челик во САД и нема да биде поштедена. Брисел е загрижен и за можните „одмазднички“ тарифи кои би можеле да ги погодат европските автомобили, фармацевтската индустрија и прехранбениот сектор.

Тарифите стапија на сила на полноќ според вашингтонско време (5:01 часот по бриселско време).

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk