23 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Ердоган-Рама: Нема да дозволиме ФЕТО да ги труе односите меѓу Турција и Албанија

Најчитани вести

Албанија и Турција се согласија дека терористичката организација ФЕТО претставува закана за двете земји. Затоа нема да дозволиме ФЕТО да ги труе односите меѓу Турција и Албанија, ова е заедничкиот став на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција во Анкара, пренесуваат албанските медиуми.

Како што јави дописничката на МИА од Тирана, се додава дека ФЕТО е терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а за чија екстрадиција Турција има доставено официјално барање.

ФЕТО се смета дека е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција ноќта на 15 јули во 2016 година. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.

На прес-конференцијата, турскиот претседател Ердоган ги нагласи историските врски на двете земји.

– Планираме да ги зголемиме инвестициите во инфраструктурата и туризмот во Албанија. Сакаме нашата економска соработка да ја подигнеме на повисоко ниво. Договоривме изградба на болница во градот Фиер, како и бесплатно лекување во Турција на 100 албански државјани заразени со Ковид-19, основање турски универзитет во Албанија и реставрација на џамијата во Скадар, рече Ердоган.

Турција и Албанија потпишаа Договор за унапредување на билатералните односи на ниво на стратешко партнерство.

– Ги подигнавме нашите односи на ниво на стратешко партнерство. Овој чекор што го направивме денеска ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка на секое поле, посочи Ердоган, посакувајќи слободни и демократски избори на 25 април, кои ќе бидат во полза на албанскиот народ.

Премиерот Рама се заблагодари за помошта дадена по земјотресот од 26 ноември минатата година, нагласувајќи дека Ердоган „не делува како многу држави за време на пандемијата кои ја запреа помошта за Албанија”.

Рама, кој денеска ја завршува дводневната посета, Ердоган вчера го дочека со официјална церемонија, а денеска албанската делегација го посети и музејот на таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести