Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент усвои извештај кој повикува Босна и Херцеговина да започне со итни реформи за да ги иницира ефективните преговори за членство во Европската унија. Овој извештај беше усвоен со 56 гласа „за“, 13 „против“ и пет „воздржани“, при што ја потврдува поддршката за кандидатурата на БиХ и нагласува важноста на почитувањето на Копенхашките критериуми, единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
Извештајот исто така изразува загриженост за бавниот напредок во реализацијата на клучните реформи и ги повикува политичките лидери во БиХ да ги следат препораките на Европската комисија од октомври 2022 година, со цел усвојување на преговарачката рамка. Се нагласува потребата од уставни и изборни реформи, како и зајакнување на демократските институции и владеењето на правото, со акцент на борба против корупцијата и организираниот криминал.
Во извештајот е осудена сепаратистичката реторика, особено од страна на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој со своите изјави го загрозува уставниот поредок на БиХ и перспективите за евроинтеграција. Комисијата повикува земјите-членки на ЕУ и Европската комисија да преземат мерки, вклучувајќи санкции, против дестабилизирачките сили. Посебно е истакната загриженоста за надворешното влијание од Русија и Кина, особено во Република Српска, и потребата од поголема координација со политиките на ЕУ.
Во извештајот се препорачува формирање на силен преговарачки тим за БиХ, забрзување на судските реформи и финализирање на националната програма за реформи, со цел да се обезбеди финансиска поддршка од ЕУ преку Планот за раст за Западниот Балкан. Овој извештај ќе биде ставен на гласање на следната пленарна седница на Европскиот парламент.