Вечерва имаме два нови натпревари од осминафиналната фаза на Лигата на шампионите од кои едниот е оној меѓу Вилјареал и Јувентус.
Ова е средба која дефинитивно привлекува поголемо внимание со оглед на тоа што има две скоро изеднаени состави и двајца стратези како Унаи Емери и Масимилијано Алегри кои знаат како се освојуваат трофеи. Од „жолтата подморница“ му го препуштија фаворитскиот статус на Јувентус, но во исто време порачаа дека знаат како да дојдат до посакуваниот резултат.
– Не можете секоја година да играте во ЛШ, па затоа мора да уживате. Не сме фаворити, но покажавме дека можеме да ги совладаме екипите од нивото на Јувентус. Покажавме дека заслужуваме да бидеме таму каде што сме сега, – истакна Емери за кого ова ќе биде четврти обид да дојде до четвртфиналето откако претходно не успеа да го направи тоа со Валенсија и Пари Сен Жермен (2).
– Секогаш се трудам да учам од други ситуации, но никогаш не ја губам суштината. Има многу тајни за успехот, а мојата е секогаш да работам напорно, – порача Шпанецот.