Home » Експлозија на товарен брод во близина на Индија, објавени фотографии

Експлозија на товарен брод во близина на Индија, објавени фотографии

by Журнал.мк

Товарен брод што пловел под знамето на Сингапур покрај јужниот брег на Индија се запалил и експлодирал синоќа, соопшти индиската крајбрежна стража, објави АП.

Од 22 члена на екипажот на бродот MV Wan Hai 503, 18 биле евакуирани со помош на индиската морнарица и крајбрежна стража, додека по четворица други сè уште се трага, изјави офицерот Амит Унијал.

Еден од спасените членови на екипажот е сериозно повреден. Меѓу исчезнатите се двајца Тајванци, еден Индонезиец и еден државјанин на Мјанмар.

„Бродот моментално е во неконтролирано движење и започнати се операции за гаснење пожар“, рече Унијал. Тој додаде дека приоритетите се спасување на екипажот, гаснење на пожарот и спречување на можна еколошка штета.

Во потрагата се вклучени авион од типот „Дорниер“ и неколку бродови на индиската морнарица. Леталото се користи за поморски надзор и пребарување и спасување. Пожарот избувнал на околу 163 километри од брегот во близина на градот Бејпор во јужната индиска држава Керала.

Според соопштението за медиумите, експлозијата се случила во еден од контејнерите на бродот, а потоа пожарот се проширил на другите контејнери. Причината за експлозијата сè уште е непозната.

Бродот долг 271 метар исплови од пристаништето Коломбо во Шри Ланка на 7 јуни и требаше да пристигне во Мумбаи вчера. Бродот го управува сингапурската компанија „Ван Хаи Лајнс“, потврдија сингапурските власти.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk