Home » Една година по исчезнувањето на Самоил – сѐ уште е мистерија што се случило со 26-годишното момче

Една година по исчезнувањето на Самоил – сѐ уште е мистерија што се случило со 26-годишното момче

by Журнал.мк

Се сомневаат и стравуваат дека синот Самоил им е убиен и сега сите надежи ги полагаат во истрагата. Но, незадоволни од ангажманот на надлежните институции, повторно се огласија од неговото семејство.

Една година откако беше киднапиран 26-годишниот Самоил Костадиновски, внукот на претседателот на партијата „Обединети за Македонија“ – Љубе Бошкоски, изјава за медиумите даде таткото Љупчо Костадиновски.

Тој смета дека институциите затаиле со тоа што сѐ уште не успеале да ја разрешат мистеријата за исчезнувањето на неговиот син.

„ПОМИНА ЕДНА ГОДИНА И ЕДЕН МЕСЕЦ И СЀ УШТЕ НЕ ЗНАЕМЕ КАДЕ Е НАШЕТО ДЕТЕ, НАШИОТ САМОИЛ КАДЕ СЕ НАОЃА ДО МОМЕНТОВ. НИЕ СЕ СОМНЕВАМЕ ДЕКА ОВАА КРИМИНАЛНА ГРУПА ГО ИМААТ 100% УБИЕНО И ФРЛЕНО НЕКАДЕ. ТИЕ АКО НЕ ГО УБИЛЕ ДОСЕГА И АКО САМОИЛ Е ЖИВ, ТОГАШ ЗОШТО ЌЕ ЈА ПАЛАТ КОЛАТА ВО ДРАЧЕВО?!“, ВЕЛИ ЉУПЧО КОСТАДИНОВСКИ, ТАТКО НА ИСЧЕЗНАТИОТ САМОИЛ.

За неделава се закажани завршни зборови, а по завршување на тој дел од постапката, потоа ќе следува и пресудата за обвинетите лица за грабнувањето.

Таткото на Самоил очекува осудителна пресуда, но семејството се незадоволни со тоа колку луѓе се опфатени со обвинението и бараат проширување на истрагата.

Обвинителството во септември поднесе обвинение против две лица. Едно е осомничено за делото грабнување, а второто за помагање.

„АКО СУДОТ Е РЕАЛЕН ТОГАШ БИ ТРЕБАЛО ДА ИМА ОСУДИТЕЛНА ПРЕСУДА. НО, И ПОКРАЈ ТОА НИЕ НЕ СМЕ ЗАДОВОЛНИ СО ТОА КОЛКУ ЛИЦА СЕ ОПФАТЕНИ ВО ОБВИНЕНИЕТО“, ДОДАВА ЉУПЧО КОСТАДИНОВСКИ, ТАТКОТО НА ИСЧЕЗНАТИОТ.

Од Обвинителството велат дека во истиот предмет, од страна на ОЈО се води постапка против уште едно лице осомничено за кривичното дело грабнување.

Истото лице е пријавено и за пукање кон таткото на Самоил.

Љупчо Костадиновски во јули минатата година беше ранет со пиштол, на улица во скопската населба Лисиче.

„ПОСТАПКАТА ПРОТИВ НЕГО ПРИВРЕМЕНО Е ПРЕКИНАТА ПОРАДИ НЕДОСТАПНОСТ НА ОСОМНИЧЕНИОТ И ПО НЕГО Е РАСПИШАНА ПОТЕРНИЦА. ИСТОТО ЛИЦЕ Е ПРИЈАВЕНО И ЗА ПУКАЊЕТО КОН ТАТКОТО НА САМОИЛ. И ВО ДВАТА ПРЕДМЕТИ ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПРОДОЛЖУВА ДА ПОСТАПУВА И ДА ПРЕЗЕМА ДЕЈСТВИЈА ДО ЦЕЛОСНО РАСЧИСТУВАЊЕ“, СЕ ВЕЛИ ВО СООПШТЕНИЕТО НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО.

Самоил Костадиновски на 3 март минатата година, сред бел ден беше грабнат и од тогаш нема никаква трага, ниту информации – каква е неговата судбина.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More