Приказната наречена „Македонијо во срце те носиме“, која трае скоро две години и се раскажа во речиси сите македонски градови, ќе биде заокружена со голем концерт во Скопје, закажан на 7 декември во Филхармонија.
Овој пат Бојана Скендеровски, Наум Петрески, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, ДНК, Андријана Јаневска, Миле Кузмановски, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Ламбе Алабаковски, Марија Спасевска и Мина Блажев ќе пеат во придружба на голем симфониски оркестар под диригентската палка на Сашо Татарчевски, што значи дека веќе добро познатите 12 преработки на патриотски песни, публиката ќе има можност да ги чуе и доживее на сосема поинаков начин. Концертот ќе биде поразличен и по тоа што ќе биде дополнет со уште три композиции на кои, како што најави маестро Николче Мицевски, кој патем ги потпишува сите преработки, а овој пат ќе биде задолжен и за оркестрациите, сѐ уште вредно работи.
Зад реализацијата на проектот стои Скендеровски продукција од каде откриваат дека сите средства од продажбата на влезниците ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Инаку, влезниците се продаваат преку мрежата на www.kupikarta.com по цени од 1000 и 1400 ден.
– 7 декември со почеток од 20:00 часот дојдете во Филхармонија и бидете дел од „Македонијо во срце те носиме“ за уште еднаш да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да се потсетиме на аманетот што ни го оставиле генерациите пред нас, велат организаторите.
А како пееше Македонија во изминатиот период, погледнете и слушнете од видеата во прилог.
– Погледнете ги настапите на дел од нашите 12 македонски ѕвезди кои се дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“ на концертите низ плоштадите во Македонија! Преполни плоштади, прекрасен народ и пеење во еден глас!, стои во објавата на Инстаграм-профилот на проектот.