23 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

ДУИ, über alles!

Најчитани вести

„Хепи брдеј ту ју деар Али“, му испеаја насобраните ДУИ-сти на својот лидер, натискани еден до друг во новите простории на албанскиот дел од Владата, пред да м,снат по едно парче торта во таа чест. Очигледно маски не носат. Но торта со маски не се јаде нели! А корона! Се чини за нив короната одамна ја „уби“ поранешниот поглавар на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, а башка сите таму си беа „наши“, нели. Како едно семејство!

Да се чудиш што е тоа што ги тера сериозни луѓе, на високи државни позиции така неодговорно да се однесуваат. Талат Џафери, претседател на Собранието и втор човек по Устав во државата, Бујар Османи, министер за надворешни работи кој треба да биде пример пред Европските лидери и институции дека во земјата се почитуваат законите, и сите други ликови на оваа партија кои како да ја „окупирале“ или да ја „освоиле“ оваа нова државна просторија за да му го честиаат роденденот на својот лидер и да изедат по едно парче торта. А тој среќен што ете ќе дувне свеќичка па макар за тоа да плати 20 евра, за неносење маска. Та не му е прв пат. Еднаш одамна требаше да плати 50 евра за фрлање опушок на улица излегувајќи од автомобилот. Дали ги плати, кој знае.

Но, тоа ти е ДУИ, за нив не важат законите на оваа држава. Ниту оние закони кои и тие самите ги носат во Парламентот, ниту оние кои тие како министри треба да ги спроведуваат. Штета.
Понекогаш се чини дека намерно ја иритираат јавноста, покажувајќи непримерена моќ над државата. Како да сакаат јавно да покажат „ние сме недопирливи“ на тој начин давајќи им пример на своите албански подржувачи од кои многумина го следат таквото однесување. Но забораваат дека така се создава општото јавно мнение дека „Албанците не почитуваат закони“.

Со таквиот игнорантски однос кон законите и кон институциите, намерно или не го понижуваат и својот партнер во власта. Го ставаат во позиција на немоќ да интервенира, прикажувајќи го слаб пред своите подржувачи и пред целата јавност. Уште повеќе што нема да биде прв пат не само што нема да ги казни туку и да ги правда за постапките.

По оваа „забава“ на ДУИ, МВР треба да им ги скине казните на сите на кои им го прекина дружењето во новогодишната ноќ, а здравствените власти да ја укинат забраната за собири и за носење маски на отворено.

И не е дека казните се толку големи што овие „одметници од законот“ немаат да ги платат, туку што по стоти пат ја покажуваат вистината дека државата за едни е мајка за други макеа. Или дека оваа држава навистина не е спремна за ЕУ, се додека партиите не се одвојат од државата, или обратно.
Дотогаш, ДУИ ќе биде „ибер алес“!

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести