Од: Латиф Мустафа
Интелектуалецот, воедно е главниот криминалец на провинцијата. Тој нималку не се труди да гради нови и успешни модели на човечкиот прогресивен идеал. Напротив, го уништува и го деконструира секој изданок на промената.
Провинцијата e повеќе од географски поим и територијален опсег, таа претставува менталитет и ментална конструкција, некогаш свесно а понекогаш и несвесно. Односот помеѓу географијата и човекот е реципрочен. Исто како што индивидуата која ја составува географијата, така и таа го составува него. Географијата е судбина. Географијата е фаталност. Провинцијата ве заробува. Во провинцијата не постои слобода – заробеништвото и фаталноста ѝ се својствени – таа се чувствува, но не може да се означи и да се покаже кон неа со прст, таа се живее без да се доживува.
Преселбата останува единствен сон што го оспорува заробеништвото, бегството. Во провинцијата слободата е секогаш понатаму, подалеку. Провинцијата е полуурбана и полурурална реалност, но и руралност која е закрпена со урбани парчиња. Таа претставува зандана со отворени врати во која човекот своеволно останува заробен, а залудно неговата усна болно ја изустува слободата. Останува како излишно оправдување и задушена некаде длабоко во личноста на човекот, воедно останува и како концепт без содржина, но и поим без реално и можно анксиозно манифестирање.
Провинцијалецот е индивидуа што битисува во провинција. Повеќе отколку географски факт, битието него го претвора во ментална конструкција. Од друга страна, географијата за провинцијалецот е фаталност, таа е единственото нешто својствено што му дава идентитет, таа е реалностa на која ѝ се предава без да ѝ нуди некаков отпор, своеволно покорен, без никаква желба и амбиција за да ја промени.
Провинцијалецот нема естетско чувство. Неговиот уметнички опус му извира од самиот крај на стомакот. Ги познава префинетото и сензибилното, но тие се многу далечни и недостижни, а наместо тоа биолошкото и моментното останува единствена реалност. Провинцијалецот има еден посебен само нему својствен карактер. На прв поглед тоа е неговата надменост, која кон другите изгледа фалбаџиски и како комплекс на инфериорност. Во суштина, тој е навистина горд за своите имагинарни успеси, за своето благородно потекло и за конспирацијата од типот дека цел свет е насочен против него, а тој со сите „обиди“ успеал да опстане. Сирот провинцијалец! Освен гордоста, тој го развива и капацитетот на интелигенцијата – калкулантското размислување – повеќе од развивањето на мудроста и на стоичката етика. Се преправа дека е угнетен и со нетрпение го чека денот кога самиот ќе врбува. Сирот провинцијалец! Покрај сето ова, тој се проектира и како обична каста, како колектив што може лесно да се потчини и да манипулира. Тој е слабата алка, а опстанокот станува негова главна амбиција. Тој често пати се повикува на максимата – не е сиромав, туку е ограбен. За неговиот неуспех го обвинува имагинарниот непријател, непостојниот. Овој замислен непријател е основата на неговото постоење. Да се биде потчинета каста за него е доблест.
Провинцијалецот го обвинува целиот свет за неговата состојба, лаже, измислува и заговара некој софистициран систем кој се бори против провинцијата. Социјалниот однос е проследен со малоумна и злобна корист, а единствениот критички инструмент е морализаторскиот. Секој феномен го коментира како недостиг или како претерување во доменот на моралот, а самиот морал е редуциран на секс и на кражба.
Провинцијалната политика е уште потрагична. На некој начин таа претставува извор на сите трагедии. Единствената политичка активност во провинција е немарноста, апатијата и рамнодушноста. Неговата теологија е месијанизмот, имено безнадежното чекање спасител кој еден ден ќе се појави и ќе ја урне корумпираната каста, а провинцијалецот го гласа и му се восхитува на секои избори. Не само што му се восхитува, туку и го обожава. Бараната промена повторно останува празна фраза без содржина или дрдорење по социјални мрежи. Во суштина, ако трагаме по длабочините на неговата душа, таму го наоѓаме неговото непоколебливо убедување дека провинцијата не се менува и тој самиот не посакува тоа да се случи. Политичкиот месијанизам, иако е концепт со религиско потекло, кај него се манифестира како туѓ и сосема идеолошки, создаден од повисока политичка каста, која е угнетувачка и го има засадено овој концепт кај пониските провинцијални касти.
Месијанизмот е опиум за пониските провинцијални касти. Тој е интервенција однадвор, засекогаш однадвор, затоа што внатрешниот „месија“ е корумпиран и поразен, како што е самиот провинцијалец. Еден ден во неделата е времето кога провинцијалецот прави сѐ за да ги заборави своите човечки и граѓански должности кон себе, семејството и кон општеството. За него има едно објаснување: фаталноста, детерминизмот преведен со зборовите „вака рекол/одредил Господ“.
Провинцискиот политичар кој има малку од политичката власт, провинцијата ја гледа како рај во кој може да краде и таа му претставува можност да изгради неколку облакодери, потем вила на планина и на море, играјќи ја улогата на капиталист. Преправајќи се како богат, паметен и овластен, а во суштина води мачен и oдвратен живот, но е среќен во неговaта неукост.
Провинцијалецот со политичка моќ се труди да се претстави како „татко“ на колективот и наместо граѓанската и политичката должност, ја игра улогата на биолошкиот татко, на старател кој се грижи за сиромавиот. Тој посакува да го нарекуваат татко, брат, чичко, шефе и претседателе, небаре одбива, но сепак тоа му го потхранува неговото егоистично битие. Неговиот единствен политички конкурент е некој кој се претставува како „бабачко“, но никогаш некој со политичка визија и со прогресивни аспирации. Затоа што оние со политичка визија се пресечени на самиот почеток и се надвор од секоја парадигма и реалност.
Провинцијалецот со политичка моќ е и имамот на џамијата. Провинцијалниот имам обично го прекорува џематот (народот/заедницата) и не е мотиватор. Имамите се преправаат дека ги познаваат маките на луѓето. Наместо совет, тие шират прекор. За нив, верата е прекор, не совет, а емпатијата и сомилоста се непознати именки. Исто така, според нив, верата треба да биде нешто тешко, да се објаснува со викотници и со остар поглед; тие не зборуваат за тоа што е добро да се направи, туку го прекоруваат народот за тоа што го прави. Провинцискиот имам е богат. Неговото богатство е стекнато зборувајќи за сиромашниот Мухамед и за сиромаштијата како нераскинлив дел од гордоста и од човечкото достоинство. Да се биде сиромав значи да се биде „достоинствен“, првите што ќе влезат во рајот се сиромашните. Тоа што не може да се искуси на овој свет, провинцијалниот имам им го ветува во другиот свет. За нив, Господ не е есенцијата на љубовта и на милоста, туку честопати Господ за нив останува највисоката инстанца на прекорот и на казната.
Не сум сигурен дека воопшто постои таков – интелектуалец на провинцијата. Сигурно тој е затворен и скриен некаде во стаклените лушпи на неговата кула од карти, а ги смета за сигурни. Провинцијалниот политичар е своевиден калкулант, тој разумот не го смета за нешто суштинско и својствено на човекот, не прави напори да научи од светската и од историската ризница, туку целата негова реторика му служи на политичкото „статус кво“. Интелектуалецот воедно е и главниот криминалец на провинцијата. Тој нималку не се труди да гради нови и успешни модели на човечкиот прогресивен идеал. Напротив, го уништува и го деконструира секој изданок на промената и новите обиди за политичка интерпретација кои се поврзуваат за визиите да се конкурира како со себе така и со виталниот светски напредок.
Провинцијалниот интелектуалец, наместо да се поведе од слободата, останува угнетувач и уништувач на слободната волја. Провинцијата бара соочување, а провинцијалецот е тврд орев. Неговиот менталитет е многудимензионален. Ослободувањето од ова матрица е со субординирани нивоа, хиерархија на концептуални слоеви. Но, не треба да ги омаловажувате нив, нивната моќ е претприемачка и многуслојна.