Home » Државата собира 200 милиони евра од даноци за животна средина: Граѓаните да добијат репарација поради аерозагадувањето

Државата собира 200 милиони евра од даноци за животна средина: Граѓаните да добијат репарација поради аерозагадувањето

by Журнал.мк

Наместо сериозни мерки, повторно се случува кратења на буџетите од програмите за загадувањето. Предлог-буџетот за 2025 година е на комисиска расправа во Собранието. Над 103 милиони евра се планирани за заштита на животната средина и, иако се рекордно испланирана сума досега, сепак се малку во однос на оние 200 милиони евра што државата ги собира како даноци за животната средина.

Над 90 проценти од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), односно 77,8 милиони евра се наменети за капитални расходи.

Најголем дел од средствата за животна средина одат за комунална инфраструктура, изградба на водовод и канализација, нешто што општините го реализираат преку Министерството за транспорт и врски, а сега и со помош на кредитот од Унгарија.

Граѓанската организација „О2 Иницијатива“ ги мапираше недостатоците на предлог-буџетот во однос на тоа за што нема да се издвојат средства.

„Нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи и на домаќинствата, а иако министерот за здравство, Арбен Таравари најави дека 10 болници следната година ќе го променат начинот на греење, средства за оваа намена нема. Нема ниту доволно средства за купување мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг-станиците за квалитет на воздух. Во моментов, 29 инструменти не работат.

Нема средства за најавените когенеративни централи на гас. За гасификација предвидени се само 1,8 милиони. Не се издвоени средства ниту за расчистување на загадената почва и подземните води од жешките еколошки точки“, се дел од недостатоците кои ги објави здружението.

– Буџетот на МЖСПП и вкупно средствата од државниот буџет наменети за заштита на животната средина ако гледаме од 2014 година наваму драстично се зголемени. Ако во 2014 биле 14 милиони евра, во 2019 се 29 милиони евра, во 2022 близу 37 милиони евра, а годинава се планирани 103 милиони евра.

Точно е дека немало континуиран раст, некогаш се намалувале, но во однос на 2014 година имаме раст од 7,5 пати. Проблемот е што најголем дел од средствата оди на изградба на водовод и канализација, нешто што во минатото било дел од министерството за транспорт. Кога значителен дел од средствата планирани за заштита на животна средина за 2025 година би се употребиле за намалување на аерозагадувањето, би виделе ефект, велат оттаму за „Фокус “.

Воздухот е загаден, но наместо сериозни мерки партиите се препукуваат кој е виновен и што направил или прави додека е на власт. За политичарите воздухот е загаден само кога се во опозиција.

– Виновни се сите и централната и локалната власт. Нема стратегија и јасно дефиниран акциски план кој ќе се следи без оглед кој е на власт. Потребно е синергистичко делување, за да се адресираат сите извори на аерозагадување, од менување на начин на греење на јавни институции, домаќинства, поставување на филтри онаму каде тоа не е можно,

јавен сообраќај со ниски емисии, менување на закони за задолжителни еко налепници на возилата кои ќе одредат дали возилото може да се движи по улиците за време на загадени денови, зајакнување на инспекцијата, носење на законот за контрола на индустриски емисии кој ќе постави построги гранични вредности на емисиите од индустријата… Но, ова отсуствува и решавањето на проблемот со аерозагадувањето останува на маргините, велат од „О2 Иницијатива“.

Во просек, поради аерозагадувањето во земјава прерано умираат над 3.500 лица, но зависно од загадувањето во одредена година, оваа бројка може да е поголема или помала. Околу 18% од вкупната смртност во државата се должи на аерозагадувањето. Според УНИЦЕФ, секој 9ти смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загаден воздух.

Ставот на невладината организација е дека државата треба да им плати на граѓаните одреден вид на репарација поради изложеност на аерозагадувањето.

– Најголема смртност се должи на исхемичната срцева болест, а потоа на мозочниот удар. Но тука е и диабетисот, хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), ракот на белите дробови. Како болест предизвикана од аерозаагдувањето тука е и астмата.

Според Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата помеѓу 500 и 900 милиони долари годишно, при 1.600 прерано починати годишно, еквивалентно на 5.2%–8.5% од БДП во 2016.

Но, овие бројки се многу поголеми, ако земеме дека бројот на починати препишани на аерозагадувањето е многу поголем, барем два пати поголем во просек, според Европската агенција за животна средина, што би значело околу $1–1.8 милијарди годишно.

Нашиот став е дека државата треба да им плати на граѓаните одреден вид на репарација поради изложеност на аерозагадувањето и несправување со истото. Се надеваме дека со транспонирање на најновата ЕУ Директива за квалитетот на амбиентниот воздух, каде се бара воведување на конкретна компензација поради влијанието на аерозагадувањето врз здравствената состојба на граѓаните, ќе даде подлога за вакви репарациони механизми“, сметаат тие.

Според екологистите, никој не сака да ја прифати одговорноста, но и големата можност која му се пружа додека е на власт да се справи со аерозагадувањето. На секоја власт приоритетите им се на друго место, со мерење што ќе им донесе повеќе гласови на следни избори и креирање на политики во таа насока.

– Првенствено треба да се одвојат доволно средства кои се на висина на проблемот од буџетот на РСМ и од буџетите на општините/град Скопје.

Да се изменат одредени закони со цел намалување на аерозагадувањето, како законот за возила во врска со еколошката категоризација на возилата, носење на законот за контрола на индустриски емисии, кој стои закачен на ЕНЕР повеќе од три години, да се овозможи преку комуналната инспекција/полиција ефикасно решавање на палењето на отворено.

За почеток ова би било добар старт, објасија за „Фокус“ од „О2 Иницијатива“.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk