За денеска се закажани две аукции на кои државата ќе прибира пари од домашниот пазар. Едната аукција е за државни записи – се бараат 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра. Условите се: рок на враќање за една година и камата од 3,8 проценти. Другата е аукција на тригодишна обврзница преку која ќе сака да позајми 3 милијарди денари или околу 49 милиони евра. Во овој случај рокот на враќање е три години, а каматата е 3,95 процент. Или, во еден ден државата на домашниот пазар ќе се задолжи 89 милиони евра.
Претходната влада почна, а оваа го продолжи курсот на поголемо задолжување на домашниот пазар.
„Со цел поефикасно финансирање на буџетските потреби, Министерството за финансии ќе продолжи со континуирано издавање хартии од вредност, со што ќе се обезбеди дополнително финансирање по поволни услови, во зависност од интересите на пазарните учесници. Целта е одржување редовна застапеност на државните записи и државните обврзници со рочност на среден и на подолг рок, во зависност од состојбата на пазарот“. Пишува во Стратегијата за управување со јавниот долг во периодот 2025 до 2027 со изгледи до 2029 година.