Прометните аеродроми во Копенхаген и Осло повторно отворени, откако дронови ги запреа сите летнувања и слетувања на неколку часа. Ќе се утврдува дали постои врска помеѓу двата инцидента. Причината останува непозната, а инцидентот е само неколку дена по кибернападот врз еден ИТ-сервис провајдер, кој го наруши работењето на неколку европски аеродроми, меѓу кои Берлин, Брисел, лондонски Хитроу и Даблин.
Според данската премиерка, дроновите кои ја попречиле работата на аеродромот во Копенхаген претставуваат најсериозен напад врз критичната инфраструктура досега.
„Ова кажува нешто за времето во кое живееме и за тоа на што како општество треба да бидеме подготвени. Секако, не исклучуваме ниту една можност за тоа кој стои зад ова“, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.
Данската полиција првично соопшти дека дроновите најверојатно биле управувани од „способен оператор“, но сè уште нема идентификувани осомничени.
„Сè укажува дека зад дроновите стои способен оператор. Нашата проценка е дека секако постоел потенцијален ризик за воздушниот сообраќај. Ако летате дронови во воздушниот простор околу аеродром, постои потенцијален ризик. Водиме истрага дали се поврзани двата инцидента“, изјави Јес Јесперсен, истражител во копенхагенска полиција.
Илјадници патници беа погодени од затворањето на аеродромите, а летовите беа пренасочени. Метеж од луѓе на аеродромот во Копенхаген кои речиси четири часа беа заглавени.
„Чекаме да дознаеме каде ќе слетаат и дали би се пренасочиле летовите“, изјави Курт Клаузен, пензионер.
„Мојата мајка слета во Билунд, а доаѓа од Штутгарт. Ми се јави и е во Билунд“, вели Хелен Гајзер, студентка.
„Имаме добра соработка со полицијата кога се случуваат вакви инциденти. Им го предадовме целиот наш материјал и сме во постојан контакт. За жал ова не е невообичаено. Минатата година откривме до 1.500 дрона во близина до нашите аеродроми, иако е многу јасно дека постои зона на забрана од пет километри, но за жал ова се случува почесто отколку што би сакале“, изјави Торгеир Ландеваг, директор на аеродромот во Осло.
Од аеродромот во Осло информираат дека случајот е предаден во рацете на полицијата, која го истражува инцидентот.
Катерина Бојаџиева






