Home » Дошле багери и преку ноќ му ја урнале фирмата за да градат зграда

Дошле багери и преку ноќ му ја урнале фирмата за да градат зграда

by Журнал.мк

Му ја урнале фирмата и му го украле плацот. Иако звучи како виц, ова ноќта во петокот спрема саботата му се случило на Красимир Георгиевски, сопственик на фирмата Видра Декор. Објектот во скопската населба Кисела Вода, на само три километри од Собранието, преку ноќ исчезнал.

Непознати сторители дошле со багери во петокот попладнето и до сабота наутро го урнале неговиот деловен објект од 77 квадратни метри и го заградиле со тараби. На тарабите нема информации за инвеститор или изведувач на работите.

За тоа дека на местото имало објект сведочат фотографиите направени минатата недела, како и снимките од катастарот на недвижности и од Гугл мапс. Парцелата е интересна, затоа што според новиот ДУП, на тоа место е предвидено да има зграда.

Сопствениците шокирани пријавиле во полиција.

„Ова е организиран криминал со голема логистика. Обезбедени ни се камери од случувањата, сите комшии виделе што се случува, кои се што се, сепак препуштам на полицијата да се расчисти оваа дрскост. Приватна своина, некој да дојде преку ноќ да ти го сруши објектот и да не постои сторител. Тоа е невидена работа“, вели директорот на урнатата фирма Красимир Георгиевски.

На фотографиите направени минатата недела се гледа дека тарабите на соседната парцела се поставени веднаш до капијата. Во сабота наутро веќе биле поместени десетина метри во парцелата на Видра Декор, а објектот бил урнат.

На катастарот се гледа дека парцелата е до капијата. Пешачката патека ги дели со соседната парцела. Имотниот лист гласи на фирмата Видра Декор, но сега нема ниту објект. Останал само еден столб да сведочи дека до пред неколку дена тука имало објект.

„Еве видете, ја искршиле влезната врата, дел оставиле. Без најава, без предупредување, без некои уцени, не сум бил уценуван никогаш, да се јавеле да ми се закануваат, тоа не, само дошле, срушиле и си отишле. Однесе се материјали, се што е вложено е отидено во ветер“, вели Георгиевски.

Косопственик на фирмата Видра Декор е поранешниот градоначалник на Општина Бутел Велимир Смилевски, но другиот косопственик Георгиевски не верува дека случајот има политичка заднина.

„Која е таа политичка заднина некој да ти ја сруши куќата и да ја однесе. Што сме ние, каубојци? Нека се препукуваат во Парламент каде што им е местото“, вели тој.

На парцелата во моментов нема градежни работи. На соседната има багери, но не работат. Инаку, во околината се градат неколку згради од различни фирми.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk