Home » Доминго слета во Скопје и одржа проба: Концертот е најавен како еден од најспектакуларните во историјата на македонската музичка сцена

Доминго слета во Скопје и одржа проба: Концертот е најавен како еден од најспектакуларните во историјата на македонската музичка сцена

by Журнал.мк

Пласидо Доминго (84) вчера пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија. Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба, известуваат од организацијата на концертот на светски популарниот тенор.

Тој утре ќе одржи концерт во Арена Борис Трајковски, во организација на Македонската опера и балет со Прагма продукција, и истиот почнува во 21 часот.

Со Пласидо Доминго ќе настапи и Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.

– Со голем ентузијазам и воодушевување успешно заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера, маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција, создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде еден од дефинитивно најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена.

Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал низ најпрестижните театри во светот, на 14 март ќе ја исполни сцената во Арена „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта.

Македонија го дочекува Доминго со восхит, а легендата започнува да ја испишува својата најнова музичка приказна, порачаа од организацијата на настанот.

За време на концертот пак, дозволено било фотографирање само за време на првите три песни.

Скопскиот концерт на Доминго е поддржан и од Министерството за култура. За истиот беше одобрена сума од 600.000 денари на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на музичката и музичко-сценската дејност за 2025 година.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk