Од: Милорад Стојмановски
Кога веќе неговата долга рака презема ингеренции што не се негови, нека биде тој премиер, макар и сто дена, да види малку како е. И онака главните економски процеси и дипломатијата се „под негова капа“.
„Интегративците“ се дезинтегрираа од Владата и предводени од Али Ахмети беа во посета на Приштина, каде што ги прими косовскиот премиер Албин Курти. Ахмети на својот профил на Фејсбук сподели фотографии од средбата, на кои се „построени“ шестмина министри од ДУИ. Во просторијата се гледа грбот на Косово, а Курти го придружуваат неколку косовски министри, иако делегацијата од Мала Речица е побројна и од таа на домаќинот.
„…Со институционално координирана акција ќе успееме во краток рок да реализираме големи проекти за поефикасно национално поврзување меѓу нас… Продолжуваме да му даваме поддршка на Косово во однос на изнаоѓање решение со Србија преку заемно признавање како важен процес за стабилност и перспективи за добар развој на регионот“, напиша Ахмети на Фејсбук.
Македонската Влада не излезе со став во врска со овој настан, иако партиски лидер се фали во јавност со државни проекти што ги плаќаат сите даночни обврзници во земјава, без разлика на партиската и на етничката припадност. Лани, во септември, Заев и Курти ја предводеа заедничката меѓувладина седница во Скопје. Инфраструктурното, економското и туристичкото поврзување со Косово е важно за двете земји, но зошто овој пат делегацијата не беше владина, предводена од премиерот или барем од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски? Останаа неодговорени прашањата за какво национално поврзување пишува Ахмети и зошто молчи шефот на дипломатијата додека неговиот партиски шеф искажува ставови за надворешната политика на државата.
За разлика од сегашниот, можеби Ахмети од позицијата премиер би реагирал соодветно на евентуална „партиска“ посета на Алтернатива на Еди Рама во Тирана, предводена од Африм Гаши, во која би биле уште тројца министри. За жал, нема да го дочекаме денот кога ДУИ ќе бара средба со ГЕРБ на Бојко Борисов за да се избори за поддршка од бугарската опозиција во процесот на евроинтеграции. Или ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да го потврдат на дело променетиот курс кон Албанците со посета на Приштина. Псе јо? Тоа е карактеристично за граѓанско општество, какво што не сме. Во земјава на отворањето на Уставот се гледа како на отворање на Пандорина кутија, зачинето со закани „а ла Артан Груби“.
Албанската кауза е приоритет во кампањата на ДУИ што се покажува успешно за нив, иако е прашање колку е здрава за македонското општество воопшто. Притоа, кадрите од Мала Речица умешно еквилибрираат меѓу двата најголеми „македонски“ партнера. Но, стапот во рацете на Ахмети во тој „од по жица“ има два краја, особено по коалицирањето на ВМРО-ДПМНЕ со Алијансата за Албанците. Партискиот лидер со најдолг стаж во земјава сè потешко се брани на сите фронтови. По судирот со групата на Муса Џафери, на ДУИ грб им сврте пратеникот Изет Меџити (не ја поддржа новата влада), а внукот на Ахмети, Фатмир Лимани, ѝ пристапи на Беса. Нервозата кај ДУИ е очигледна и по голтањето кнедли поради влезот на Алтернатива во владиното парламентарно мнозинство и по поразот на локалните избори во Тетово. И покрај сè, неочекувано се појави видеото со кое Ахмети ги нападна и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Не му е до славење како лани, кога му дуваа роденденски свеќички во владин објект, поточно во зградата што почна да ја гради двоецот Груевски – Ахмети, а ја отворија Зоран Заев и Ахмети.
Вештиот политичар Ахмети секоја партиска криза ја решава со преместување на фигурите на таблата. Тој е главниот што ги влече потезите, макар и теледиригирано. Со неговата „долга рака“ контролира министри и пратеници на ДУИ од различни генерации кои не признаваат ниеден друг „суд“ освен неговиот. Дел од неговите политички пехари му е „сто дена премиер Албанец што ќе го предложи ДУИ“. Кога веќе неговата долга рака презема ингеренции што не се негови, нека биде тој премиер, макар и сто дена, да види малку како е. И онака главните економски процеси и дипломатијата се „под негова капа“. Ете му шанса, наместо од сенка, да владее вистински – од најодговорното место во извршната власт. И да биде на удар на јавноста, наместо во дебела сенка во Мала Речица.