Home » Доделени сертификати за завршена Академија за пратеници

Доделени сертификати за завршена Академија за пратеници

by Журнал.мк

Денеска во Собранието се одржа свечена церемонија за доделување сертификати на пратеници кои ја завршија Академијата за пратеници, која е е дел од проектот Доба на подобри политичари, реализиран од Форумот за разумни политики, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.

Академијата е наменета за пратеници кои се во својот прв мандат, како и за оние кои сакаат да ја унапредат својата активност во Парламентот. Таа претставува значаен чекор во градењето на капацитетите на пратениците, овозможувајќи им продлабочено разбирање на законодавните процеси и поттикнувајќи култура на парламентарна дискусија, заснована на демократски вредности, меѓупартиска соработка и толеранција.

Поздравни обраќања на настанот имаа: Африм Гаши, претседател на Собранието; Даниел Филер, заменик-амбасадор на Обединетото Кралство и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.

За претседателот Гаши претставува благороден и визионерски чин кога еден пратеник ќе одлучи да ги унапредува своите интелектуални и политички капацитети со цел да го подигне квалитетот на претставувањето. Тој истакна дека Академијата е потсетник дека е возможно и неопходно градење нова политичка сцена, со помудри и похумани политичари, кои ја ценат дебатата, ги почитуваат процедурите и ја негуваат меѓусебната почит. Без искрен дијалог и соработка надвор од линиите на поделба, секоја реформа останува површна, а секој закон недоволен. Во таа насока, рече Гаши, проекти како оваа Академија се камен-темелник на визијата за изградба на Собрание кое им служи на граѓаните со професионализам и одговорност.

„Во политиката, зрелоста не значи само да се имаат ставови, туку да се знае како да се споделат, без притоа да се урнат мостовите на комуникација“ – заврши Гаши.

Заменик-амбасадорот Филер уште еднаш ја потвди поддршката од Обединетото Кралство кое верува во нашата институционална сила, капацитетот и посветеноста на пратениците. Ова учење преку рефлексија и дијалог во Академијата да продолжи да ја инспирира демократската иднина на земјата, затоа што демократијата е патување кое трае – порача Филер.

Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики искажа задоволство и благодарност до учесниците пратеници и Британската амбасада во програмата базирана од искуствата и практиките на Британскиот парламент.

Своите лични впечатоци како учеснички ги споделија пратеничките Драгана Арсова и Калтрина Беќири, кои ја истакнаа значајната улога на Академијата во јакнењето на капацитетот на народните избраници во јавниот и политчкиот живот и на демократијата во целина. Програмата понуди подлабоко разбирање на работата на пратениците, развивање лидерски вештини, градење јавни пораки и јакнење на учеството на жените во политиката.

Програмата, која се одвиваше од ноември 2024 до април 2025 година под водство на еминентни предавачи и искусни практичари, успешно ја завршија 24 пратеници од 7 политички партии, и тоа: Калтрина Беќири, Мимоза Муса, Садик Сулејмани, Сaлим Сулејмани, Ријад Шаќири, Фериде Хаџиу, Даниела Белимова, Даниел Стојчевски, Миле Цеков, Александар Јамалов, Биљана Кузмановска, Дијана Илиевска, Драгана Арсова, Драгана Бојковска, Јулија Тушевска, Моника Трајанова, Петар Марков, Пеце Милевски, Дејан Проданоски, Јане Мицевски, Елми Азири, Кире Божиновски, Бисера Златевска и Сашо Донев.

Целта беше да се зајакне нивното познавање на парламентарните правила и процедури, како и да се мотивираат за поактивно и поодговорно учество во законодавниот процес. Академијата претставува вложување во политичката зрелост, квалитетот на јавниот дискурс и изградбата на едно поодговорно и демократско Собрание.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk