Во административни процедури е заглавена таблетарната хормонска терапија која болните од рак на дојка требаше да ја подигнуваат од аптека. За да земат лек кој ќе им биде доволен за еден месец, треба да дојдат до Клиниката за онкологија, проблем за пациентите од внатрешноста. Бараат побрзо решение на проблемот. Во аптека пациентите ќе имаат можност да изберат кој лек ќе го земаат.
„Во моментов подигаат од онколошката амбуланта, со тоа што доколку пиете латресан на Онкологија има само анастрозол, се разменуваме. Во Фејсбук групите правиме размена, имам анастразол, кој има анастразол, јас имам латресан ќе ви дадам латресан. И тоа го решаваме на тој принцип . Бидејќи еден латресан чини 1.800 денари, а трае месец дена“, изјави Ана Марјановиќ – Здружение Хема – Онко.
Од Фондот за здравство велат преговараат со производителите и со дистрибутерите за цената на лековите. За месец и половина таблетарната терапија ќе биде ставена на позитивната листа и ќе биде достапна во аптеките низ земјава.
Онколошките пациентите постојано алармираат за условите на Клиниката – со часови чекаат да примат терапија или да бидат прегледани од доктор . Директорот на Фондот Клековски очекува за околу еден месец да профункционираат онколошкото одделение во „8 Септември“ и акцелераторот со што ќе се растовари напливот на Онкологија.
„Договорот е да се префрли терапијата која се прима поткожно, а терапијата која се прима интравенозно и која трае најдолго да се префрли во втората фаза. Двајца онколози и еден физичар од 8 септември веќе пет месеци се на обука на клиниката за онкологија. Акцелераторот е во фаза на комисионирање, на ставање во употреба. На 22 мај доаѓа производителот уште еднаш да провери дали е сè во ред“, изјави Сашо Клековски – директор на Фондот за здравство.
По „8 Септември“, здравствените власти најавуваат онколошки пациенти да се третираат во болницата во Тетово, за битолската велат ќе биде потребно повеќе време, во Штип засега нема услови.