Шестотини приватни специјализанти и натаму чекаат решение на работниот статус. Од здружението на лекари и специјализанти велат дека и покрај најавите на здравствените власти досега ниту еден од специјализантите не е вработен. Клиниките немаат објавено конкурси, се уште не се знае ниту кога ниту како ќе се одвиваат процедурите.
Младите лекари се разочарани што толку се пролонгираше процесот, наместо како што велат државното здравство да го задржи кадарот во болниците.
Министерот за здравство сега тврди дека вработувањата на првите 300 специјализанти ќе биде во првата половина од годинава. Истовремено најавува и регулирање на статусот на договорците на дело кои исто така со месеци чекаат решенија.
„Јас гарантирам, не дека ќе им се продолжат договорите, туку ќе земат и решенија. Ние тоа и го најавивме, а на 30 декември го поминавме и во Влада и Здравство и Финансии. Но во новите систематизации, поради приватните специјализанти кои се 300 во првата половина на годинава, и уште 300 во втората половина на 2025, ни требаше нова систематизација и директорите сега ќе отвораат конкурси, договорците ќе ги примаат но не мора сто проценти од договорците. Јас имам информации дека некои од тие договорци не се компетентни и не работат како што треба.“ – Арбен Таравари министер за здравство.
Владата најави решавање на работниот статус на специјализантите уште пред седум месеци. Премиерот Христијан Мицкоски уште во јули соопшти дека на владина седница била усвоена информација за вработувања на 600 специјализанти кои според првичните најавите 300 веќе требаше да бидат реализирани пред крајот на минатата година, а дополнителни 300 годинава.