Популарното поп и аренби дуо ДНК, ќе се појави на сцената во Арена Јане Сандански во Скопје на 19-ти октомври, и ќе биде дел од концертот на српската турбо-фолк пејачка Јелена Карлеуша.
Веста дека ќе бидат гости на нејзиниот концерт ја објавија на својата официјална страница, каде откриваат дека ќе гостуваат на покана на организаторот, Евент Груп. Порачаа дека дефинитивно ќе биде забавно, а концертот ќе бил спектакуларен.
Поради тоа, дел од нивните обожаватели останаа изненадени, па неретки се коментарите во кои потсетуваат дека до неодамна дуото важеше за критичар на честите гостувања на регионални музичари во земјава, како и критиките дека нашите газди ќе им дадат и од пиле млеко на странските пејачи, без разлика дали и колку квалитетна музика изведуваат, додека домашните музичари секогаш биле на некој начин потценети.
Инаку, Карлеуша од Скопје ја започнува својата голема регионална турнеја Алфа и Омега. Влезниците по цени од 1.000 денари, до 12.000 денари за ВИП пакети, веќе се пуштени во продажба.
На ист датум во Скопје ќе се одржи и голем концерт на Калиопи, во Арена Борис Трајковски.