Нелегалните градби впишани во Регистарот на дивоградби во Охрид сè уште чекаат отстранување. Единствениот објект кој е срушен засега е една бетонската база. Наместо да се намалува, бројот на дивоградби расте, а тоа го стимулира Законот за легализација.
Општината има буџет за уривање на дивоизградени објекти, како една од клучните препораки на Унеско, но нема фирма која би постапила.
„Ние ги завршуваме постапките во одделението за инспекциски надзор ги поднесуваме соодветните кривични пријави правиме решенија за отстранување и застануваме тука, затоа што имаме проблем со избор на фирма којашто би постапувала кон уривање на дивоизградени објекти“, изјави Александар Китески, секретар на општина Охрид.
Најголем дел од дивоградбите се во руралните средини, но ги има и во заштитениот појас и во НП „Галичица“. За да се спречат нови општината носи општи акти за 20 тина села.
„Обично дивоградби имаме во предели каде што нема важечки урбанистички план, онаму каде граѓаните имаат потреба но не можат да спроведат постапка за одобрение за градење. Тоа е ретко во централното градско подрачје, претежно по селата“, вели Китески.
Одделението за инспекциски надзор при општина Охрид од 2006 година до денес евидентирал вкупно 869 нелегални градби, кои чекаат легализација.
Заклучно со 2018 година поднесени се 16.587 барања за легализација, од нив 7.403 се легализирани, а одбиени се 4.838 предмети.