Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов на 92-то Генерално собрание на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH) беше назначен за делегат на Генералното собрание на WOAH и претставник на државата во Светската здравствена организација за заштита на животните.
Светското собрание на делегати, како што информираат од АХВ, на Собранието усвоило административни и технички резолуции и спровело избори за пополнување на слободните места во некои од управните тела на WOAH.
– Да се биде препознат како дел од успешната група на лидери за здравствена заштита на животните е исклучителна привилегија, но и одговорност, изјавил Миланов, кој со делегација од АХВ, од 25 до 29 мај учествуваше на 92-то Генерално собрание на WOAH што се одржа во Париз.
Главен фокус на годинашното Генерално собрание беа вакцините и вакцинацијата кај животните. Дел од сесиите, како што информираат, биле посветени на иновативиот форум за здравје на животните за вакцини и вакцинација кај истите. Овој форум обезбеди платформа за дијалог меѓу делегатите на WOAH, експертите за оваа област, граѓанското општество и приватниот сектор за предизвиците што го попречуваат развојот на вакцините и нивната употреба во стратегиите за контрола на болести. За време на форумот, учесниците ги идентификуваа акционите стратегии за интегрирање на вакцинацијата во националните програми за контрола на болести, со цел да се обезбеди безбедна меѓународна трговија со животни и нивни производи.