Вчера на работа се појавиле дел од директорите на ДУИ во здравството, откако претходно добија инструкција од вицепремиерот Артан Груби да земат боледување, или одмор, додека да биде разрешен министерот за здравство Фатмир Меџити, објави Алсат ТВ.
Пред два дена протече внатрешна комуникација на која се гледа дека Груби им рекол да отворат лекарско отсуство или да најдат други причини да не прифатат евентуална одлука на министерот Меџити до неговото разрешување, кое се случи доцна синоќа во Собранието.
„Почитувани, ниту еден од нашите директори за здравство не треба да прифати ниту една одлука на министерот во заминување Фатмир Меџити, доколку има потреба од годишен одмор, боледување или едноставно да не ја прифаќа евентуалната одлука на министерот…“, се вели во пораката на Артан Груби до директорите од ДУИ.
И разрешениот министер Фатмир Меџити потврди дека вицепремиерот Артан Груби им наредил на директорите да не одат на работа.
„Пораките што Артан Груби им ги пратил на директорите на ДУИ, не ги нарекувам директори на ДУИ, туку директори на Министерството за здравство. Апелирам до сите директори да се чувствуваат удобно што ми се директори, а боледување се зема кога човек е навистина болен, ова е навистина злоупотреба што не треба да ја прават челниците на јавни здравствени установи“, рече Меџити.