Се понудив следниот пат кога ќе патува Вјоса Османи, лично јас ќе ја пречекам на скопскиот аеродром и ќе ја придружувам сѐ додека не го напушти аеродромот, порача премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со косовскиот колега Албин Курти.
Непријатно искуство, а не провокација. Жалење, а не извинување. Решителна истрага и официјален извештај, за да се утврдат фактите за инцидентот. Решеност ова веќе да не се повтори. Понуда од македонскиот премиер тој лично да ја придружува косовската претседателка при нејзиното следно полетување од скопскиот аеродром, за да биде сигурно дека нема да има нови непријатности.
Ова се поентите што на денешната прес-конференција во Скопје ги соопштија премиерите на Косово и на Македонија, Албин Курти и Христијан Мицкоски, во врска со инцидентот на Скопскиот аеродором.
Курти потврди дека косовската претседателка Вјоса Османи доживеала непријатно искуство на аеродромот во Скопје, особено поради тоа што таа била заедно со семејството, односо со двете мали ќерки. На прапшањето дали од македонската страна добил извинување за инцидентот, Курти одговори.
– Државниците во Македонија изразија жалење и наскоро ќе има официјален извештај со кој ќе се расчисти целосно овој случај – рече Курти.
На прашањето дали сѐ уште Косово го смета инцидентот на аеродромот како директна провокација.
– Не знам дека сме имале таков став. Можеби некој го кажал тоа, но не и институциите на Република Косово. Косовското МНР даде свој став и нашата цел треба да биде вистината да излезе на виделина и не смее да има тензии. Јас и премиерот Мицкоски не можеме во исто време да сме премиери, цариници, полицајци и граничари. Во однос на суштината на прашањето, верувам дека сите потребни мерки се преземаат и дека нови слични инциденти нема да се случуваат во иднина – одговори Курти.
Тој нагласи дека Курти дипломатските односи помеѓу двете земји не се воопшто нарушени.
Не само што не се нарушени дипломатските односи, туку тие ќе добијат уште подобра димензија во иднина, додаде Мицкоски.
– Што се однесува до случајот, ќе повторам дека разликата помеѓу овој случај и претходните два случаја, кои се случиле на скопскиот аеродром, е тоа што сега има јавност. Јас слушав изјави од типот дека некои политичари црвенееле од срам, но претпоставувам дека црвенеат и поради двата слични инцидента кои се случувале и во 2023 година. Но, сега имаме јавност, а тогаш немаше јавност. Оваа влада е демократска и отворена, а не е како претходната. Уште еднаш ќе кажам дека жалиме за инцидентот. Се понудив следниот пат кога ќе патува Вјоса Османи, лично јас да ја пречекам на скопскиот аеродром и ќе ја придружувам сѐ додека не го напушти аеродромот. Што се однесува до лицето кое го предизвикало инцидентот на аеродромот, ако извештајот покаже дека е виновно, тогаш сигурно ќе има одговорност за тоа лице. Додека јас сум премиер, лица над законот нема да има – изјави Мицкоски.
Претоходно, двајцата премиери се согласија дека двете земји имаат зголемена трговска размена од околу половина милион евра.
– Продолжуваме да имаме добра соработка. Јас сум оптимист за иднината – порача Курти од Скопје.