СДСМ објави документи со кои тврдат дека Максим Димитриевски за 250.000 евра му го продал семејното земјиште на неговиот кум, кој пак, некој месец подоцна истото му го препродава на ЛИДЛ за 350.000 евра. Опозиционерите обвинуваат дека градоначалникот на Куманово во соработка со ДУИ извршил и криминална промена на урбанистичкиот план.
Димитриевски ги отфрли обвинувањата на опозицијата. Објасни дека имал земјиште од 18.000 метри квадратни наследени од неговите предци, а сега останати 1.200, од кои 2, 8 проценти се градежно земјиште. Актуелниот ДУП, тврди кумановскиот градоначалник, е донесен во 2010-та година од истите кои сега го обвинуваат, а со новиот, кој е во постапка, нема промени во големината на парцелата.
Социјалдемократите го повикаа Јавното обвинителство и Антикорупциска да отвори предмет. За Димитриевски целта на овие напади е да се ослабе движењето ЗНАМ, а СДСМ да дефокусира од нивните корупциски скандали.