Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, од денеска до 26 април ќе учествува на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка кои се одржуваат во Вашингтон.
Учество ќе биде можност министерката да оствари средби со високи претставници на ММФ и СБ, на кои ќе ги претстави остварувањата и идните планови за фискалната политика и реформските чекори што ги презема Владата во управувањето со јавните финансии, а со цел одржување на макроекономска стабилност.
За време на престојот во Вашингтон, најавено е дека таа ќе се сретне и со претставници од Трезорот на САД и од мултинационални корпорации за финансиски услуги, кои се вклучени во процесите на издавање еврообврзници на нашата земја.
Исто така, Димитриеска-Кочоска ќе учествува и на регионалната тркалаозна маса за платежни системи, посветена на единствената област за плаќања во евра – СЕПА, во чији рамки од годинава се приклучи и нашата земја.
Пролетните средби се редовен годишен настан на Групацијата на Светската банка и ММФ, на кој присуствуваат министри за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и други, а на кој се дискутира за глобалната економија, меѓународниот развој и финансиските пазари.
На пролетните средби, министерката за финансии учествува заедно со гувернерката на Народната банка, Анита Ангелевска-Бежоска.