Преостануваат уште две недели до крајот на шампионатот на Македонија, а последното вонредно коло на програмата е утре и во среда. Наместо шест ќе се одиграат четири натпревари, а денес судиската организација при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги одреди официјалните лица за натпреварите од 31. коло.
Доне Ристевски од Гевгелија ќе им суди на Вардар и Струга Трим Лум, кои ќе играат утре од 17:00 часот на терените на „Куќата на фудбалот“ во Скопје. Интернационалниот судија од Прилеп, Влатко Илиоски е делегиран за дербито на колото меѓу Шкендија и Работнички. Во случај на победа на тетовчани, по четиригодишна пауза титулата ќе се врати во Тетово.
Фуркан Идризи од Тетово е делегиран за дуелот на Брера и Шкупи на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, а Фатмир Бафто ќе им суди на Тиквеш и Беса. Александар Василевски од Скопје е делегиран за натпреварот Силекс – Гостивар, на кој во случај на недоаѓање на гостинската екипа, истата ќе биде префрлена во најнизок ранг на натпреварување.
Сезоната официјално завршува на 18 мај, а една недела подоцна ќе се игра баражот за пополнување на последното место во Првата лига за сезоната 2025/26.