Нов амбасадор на Република Албанија во Северна Македонија ќе биде Дениoн Мејдани.
Мејдани пред членовите на парламентарната комисија за надворешна политика ја презентирал неговата платформа и ја добил поддршката од Комисијата.
-Северна Македонија не е само добар сосед, туку е партнер, сојузник и поддржувач на заедничкото патување во регионалните и евроинтегративните процеси, изјавил, меѓу другото, пред членовите на Комисијата, чиј претседател е Мими Кодели.
На расправа одржана преку онлајн платформата „Зум“, тој нагласил дека еден од неговите приоритети е зајакнувањето на регионалната соработка и унапредување на односите меѓу двете земји.
-Потпишаните договори меѓу двете влади не само што дополнително ги институционализираа нашите односи, туку влијаеја и ќе продолжат значително да влијаат на подобрување и олеснување на животот на нашите граѓани. Соработката треба да ја сметаме за успешна приказна. Со визија и храброст, заеднички се преземаат сериозни реформи. Регионалната соработка ќе биде мој приоритет. Односите меѓу нашите две земји се пример за соработка во регионот и ветувам дека ќе се заложам за унапредување на овие односи понатаму, нагласил тој.
Претходно извршувал функции во албанската администрација, меѓу кои: генерален директор во Министерството за економија, директор за внатрешна контрола во Министерството за правда, директор за мониторинг, контрола и инспекција во Управата за електронска и поштенска контрола, директор на координативен центар против насилен екстремизам.
Мејдани, кој е син на поранешниот албански претседател и познат универзитетски професор, Реџеп Мејдани, доаѓа на местото на амбасадорот Фатос Река.