Циклонот „Борис“ кој донесе обилни дождови и силни ветришта, предизвика поплави во Централна Европа, особено во Чешка, Полска и Австрија. Поплавени се градови, патишта и друга инфраструктура, населението од најзагрозените подрачја се евакуира, а има и заглавени луѓе до кои спасувачите не можат да стигнат.
Премиерите на Чешка и на Полска, Петр Фијала и Доналд Туск, апелираа до граѓаните од погодените области од поплавите да не одбиваат евакуација, а до туристите и авантуристите да не ризикуваат да спуштаат по пороите, бидејќи пожарникарите кои ќе треба да ги спасуваат, им се попотребни на оние кои се навистина во опасност.
– Осумдесет проценти од прогнозираниот дожд веќе наврна, но најлошото се уште не е зад нас. Ситуацијата е навистина опасна, не смее да се потцени. Има луѓе кои одбиваат да се евакуираат. Ги молам сите да не ризикуваат, да не се плови по реките и да не се прават други луди работи, изјави чешкиот премиер Фијала за Си Ен Ен.
Тои предупреди дека ситуацијата е драматична и ќе продолжи до утре, и изрази надеж дека невремето и попавите нема да предизвикаат пречки за одржување на регионалните избори и изборите за Сенатот на 20 и 21 септември.
Чешките медиуми известуваат дека округот Јесењик, каде многу луѓе одбија да се евакуираат, сега е отсечен од светот и нема начин да се дојде до луѓето, освен со хеликоптер.