Наследникот на моделот Inspiron 16 Plus доаѓа со понови, енергетски поефикасни Intel Core Ultra процесори и со делумно изменет дизајн, во согласност со промената на името.
Dell го промени начинот на именување на своите серии лаптопи со цел да им се доближи полесно на корисниците преку поедноставен пристап. Иако имињата се менуваат, сериите лаптопи сè уште ги наследуваат карактеристиките на своите претходници и не станува збор за сосема различни уреди. Така, Dell 16 Plus е наследник на моделот Dell Inspiron 16 Plus и претставува лаптоп наменет за сите намени. Дел се бори во оваа секојдневна категорија со силна конкуренција преку квалитетно куќиште, новите Intel Core Ultra процесори и добра опременост со конектори и мрежни можности.
Мат сивото куќиште е за 14% потенко во однос на претходниот модел и е изработено од алуминиум. Дизајнот е донекаде генерички и се стреми кон минимализам. На капакот од екранот се наоѓа логото на Dell, додека просторот за дланките е очекувано доминиран од тастатурата која вклучува и нумерички дел, како и многу пространо тачпед копче. Дел беше пионер во трендот на многу тенки рамки околу екранот, и таа филозофија делумно е применета и кај 16 Plus моделот – страничните рамки се потенки, додека горната е нешто поширока за да се смести Full HD веб-камера со IR сензор за биометриско најавување во системот. Тежината на уредот е 1,87 килограми, што е во рамки на очекувањата за модели со дијагонала од 16 инчи.
Лаптопот е опремен со IPS панел со резолуција од 2560 x 1600 пиксели, со освежување од 120 Hz и осветленост од 300 cd/m². Екранот има сооднос 16:10 за подобра прилагоденост на работа со канцелариски апликации. Постој и верзија со mini LED екран со поголема осветленост до 600 cd/m² и покриеност од 100% од DCI-P3 спектарот, но тоа е и поскапа опција.
Во споредба со претходната генерација, новиот модел со ново име има и нова серија Intel процесори – овојпат од Lunar Lake серијата. Во оваа конфигурација станува збор за моделот Intel Core Ultra 7 256V, но постојат и помоќни процесори до Ultra 9. Овој процесор има четири performance и четири low power јадра, и иако по перформанси не се натпреварува со врвот на понудата, енергетски е многу ефикасен, па од овој уред може да се очекува повеќе од 17 часа работа со едно полнење. Дополнително, Core Ultra 7 256V доаѓа со многу добра интегрирана графичка картичка Intel Arc 140V која овозможува и играње – се разбира со прилагодени поставки и резолуција според барањата на игрите. Оваа конфигурација, која на домашниот пазар се продава по цена од 1207 евра, доаѓа со 16 GB RAM и SSD од 512 GB.
Dell 16 Plus е добро опремен со конектори и мрежни можности. Може да се поврзе со домашната мрежа преку Wi-Fi 7, а поддржува и Bluetooth 5.4. Лаптопот има HDMI 2.1, Thunderbolt 4, дополнителен USB-C приклучок, како и USB-A. Исто така, тука е и 3,5 мм приклучок за слушалки. За разлика од Inspiron 16, овој модел нема читач за мемориски картички, што е загуба на често корисен додаток. Сепак, Dell 16 Plus го враќа нумеричкиот дел кај заднински осветлената тастатура, иако на неа може да се замери за нешто потесните стрелки. Покрај тоа, копчето за вклучување функционира и како читач за отпечаток од прст, а тука е и неопходното Copilot копче.